Партско Царство
From Wikipedia, the free encyclopedia
Партско Царство, или Арсакидско Царство - античка држава на Блискиот Исток што постоела од средината на 3 век пр.н.е. до почетокот на 3 век на новата ера. Поникнало во областа Партија, која го опфаќала североисточниот дел на денешен Иран, а на својот врв, покрај целиот Иран, ги опфаќало и териториите на денешните држави: Ирак, Ерменија, Грузија, источна Турција, источна Сирија, Туркменистан, Авганистан, Таџикистан, Пакистан, Кувајт, крајбрежниот дел на Саудиска Арабија во Персискиот Залив, Бахреин, Катар и Обединетите Арапски Емирати.
Со Партија владеела династијата Арсакиди (средновековен персиски: اشکانیان ), која го обединила и управувала со Иранското Плато, откако ги победила Селевкидите, од крајот на 3 век пр.н.е., и повремено ја контролирала Месопотамија помеѓу 150 пр.н.е. и 224 година од новата ера. Арсакидите биле третата династија на античкиот Иран по Медијската и Ахеменидската династија . Партија (најмногу поради воведување на тешка коњаница) била најголемиот непријател на Римското Царство на исток и ја ограничила римската експанзија по Кападокија (источна Анадолија).
Кога скитско-парните номади (Асирците ги нарекувале Ашкузи) се населиле во Партија и изградиле малку независно кралство, тоа се издигнало под кралот Митридат I Партски (171-138 пр.н е.) Подоцна, на врвот на својата моќ, партското влијание достигнало до Убар во Арабија, центарот на трговските патишта со темјан.
Релативно малку се знае за Партите во споредба со Римското Царство или Ахменидското Кралство, со оглед на тоа што преживеала малку од нивната литература. Затоа, многу за историјата на Партите сознаваме од странски извори, монети и натписи. Дури и името со кое тие се нарекувале е контроверзно поради недостаток на домашни извори. Неколку грчки автори, чии фрагменти се зачувани, вклучувајќи ги Аполод од Артемида и Исидор од Каракас, пишувале под партско владеење. Нивната моќ се засновала на комбинација на герилска борба на коњанички номадски племиња и организациски вештини доволни за изградба и управување со огромно царство - иако никогаш не ја достигнало силата на персиските царства кои му претходеле и се јавиле по него. Вазалските кралства сочинувале голем дел од нивната територија, а грчките градови уживале одредена автономија.