Термидорска реакција
From Wikipedia, the free encyclopedia
Термидорска реакција (француски: Réaction thermidorienne или Convention thermidorienne, „Термидорски конвент“) е период од Француската револуција кој траел од соборувањето на Максимилијан Робеспјер на 9 Термидор II, или 27 јули 1794 година, до воспоставувањето на Францускиот директорат на 2. ноември 1795 година.
„Термидорската реакција“ своето име го добила по месецот кога бил извршен пучот. Таа е последен дел од владеењето на Националниот конвент во Франција. Со Термидорската реакција завршило владеењето на теророт, и била извршена децентрализација на извршните овластувања на Комитетот за јавен спас. Радикалните јакобински политики биле заменети со нови поконзервативни позиции. Економскиот и општиот популизам, дехристијанизацијата и строгите воени мерки биле претежно напуштени, бидејќи членовите на Конвентот, разочарани и исплашени од централизираната влада на Теророт, претпочитале постабилен политички поредок кој ќе биде одобрен од богатите. Реакцијата брутално ја потиснала левицата, и имало масакри, а Јакобинскиот клуб бил распуштен, санкилотите биле растурени и Монтањарската идеологија била отфрлена.