Северен Поларник
поларник на северната полутопка / From Wikipedia, the free encyclopedia
Северен Поларник (Северен Поларен Круг или Арктички Круг) — еден од петте главни напоредници на картата на светот. Ова е замислениот обрач што минува на географската ширина од 66° 33′ 44″ (или 66.5622°) северно од екваторот.[1]
Подрачјето северно од Северниот Поларник се нарекува Арктик, а подрачјето веднаш на југ е северниот умерен појас. Еквивалентниот напоредник на јужната полутопка се нарекува Јужен Поларник (Антарктички Круг).
Северниот Поларник го бележи јужниот крај на поларниот ден (ден до 24-часовна дневна светлина) и поларната ноќ (ден со 24-часовен мрак). Северно од кругот, сонцето на два наврати годишно ја задржува истата положба во текот на 24 часа: еднаш над и еднаш под хоризонтот. На самиот поларник ова се случува точно по еднаш годишно, за време на јунскиот и декемврискиот сонцестој. Поради атмосферското прекршување на светлината и поради тоа што сонцето е тело, а не точка, дел од полноќното сонце се гледа навечер за време на северната летна долгодневица сè до околу 50′ (90 км) јужно од поларникот; истото важи и за северната зимска краткодневица, каде дел од сонцето може да се види сè до околу 50′ северно од кругот. Ова важи за морското ниво, а во повисоките предели границите се повисоки.
Положбата на Северниот Поларник не е постојана, туку непосредно зависи од Земјиниот осен наклон, кој се менува во дијапазон од 2° во текот на период од 40.000 години,[2] особено поради приливните сили што ги предизвикува орбитата на Месечината. Овој поларник моментално се движи на север со стапка од 15 м годишно.