Ниски Земји
поголема историска област во северозападна Европа / From Wikipedia, the free encyclopedia
Ниски Земји (холандски: de Lage Landen или de Nederlanden, француски: les Pays Bas, германски: die Niederlande) — крајбрежните низински краишта на северозападна Европа кои ги сочинуваат долните сливови на реките Рајна, Меза и Шелда. Во средновековието регионот бил поделен на повеќе полусамостојни кнежевства кои доста подоцна прераснале во денешните држави Белгија, Луксембург и Холандија, како и областа Француска Фландрија.[1][2]
Историски, подрачјата без излез на море се здружувале политички и стопански со приморските, образувајќи разни сојузи на пристаништа и задгрбнини,[3] протегајќи се во континентален правец сè до Рајнската област во Германија. Ова е причината што делови од Ниските Земји имаат ридести предели, како Луксембург и јужна Белгија. Во рамките на ЕУ, регионот и денес се нарекува Бенелукс (скратено од Белгија-Холандија-Луксембург).
Во римско време, преку ова подрачје се протегала воената краина на царството, како место на конктакт помеѓу Рим и германските племиња.[4] Со распадот на царството, Ниските Земји први развиле самостојни трговски патишта кои ја овозможиле преродбата на Европа во XII век. Во тој период, ова биле најгусто населените краишта на Западна Европа заедно со северна Италија. Највеќето градови биле под управа на еснафи и совети, на чие чело стоел владетел кој бил само фигура и подлежел на строги ограничувања. Сите овие краишта зависеле претежно од трговија, мануфактурно производство и поттикнувањето на слободниот проток на стоки и занаетчии.[5] Главни јазици на градскиот живот биле месните дијалекти на холандскиот и францускиот јазик.