Синајски Полуостров
полуостров на Блискиот Исток / From Wikipedia, the free encyclopedia
Синајски Полуостров или Синај (арапски: سيناء; египетски арапски: سينا, Сина) — триаголен полуостров во Египет со површина од околу 60.000 км2. Сместен е помеѓу Средоземното Море на север и Црвеното Море на југ, служејќи како копнен мост помеѓу Азија и Африка. Најголемиот дел од полуостровот припаѓа на две области на Египет (уште три се протегаат низ подрачјето на Суецкиот Канал) и има население од околу 1.400.000 жители. Покрај тоа, Египќаните го нарекуваат и „земја на тиркизот“ (أرض الفيروز, Ард ул-Фејруз). Меѓу старите Египќани бил познат како Мафкат или „земја на зелените руди“.[1]
За разлика од Левантот (денес во Сирија, Либан, Јордан, Израел, Јудеја и Самарија (Западниот Брег) и Појасот Газа), кој низ историјата бил предмет на судири помеѓу Египет и државите од Месопотамија (Вавилонија, Асирија, Митани) и Мала Азија (Хетитското царство), Синајскиот Полуостров бил постојан дел од Египет уште од првата династија (~3100 г. п.н.е.), па сè до XX век. Како и остатокот од Египет, полуостровот потпаѓал под власта на странските сили како што се Отоманското Царство и Велика Британија (1882-1956). Синај е подоцна окупиран од Израел за време на Суецката криза (во Египет наречена „Тројна агресија“ поради усогласените напади на Британија, Франција и Израел) во 1956 г., како и во Шестдневната војна од 1967 г. На 6 октомври 1973 г. Египет ја започнал Јомпкипурската војна за да си го поврати полуостровот, во што успеал по многубројни жестоки борби. По Египетско-израелската војна од 1973 г. и Израелско-египетскиот мировен договор од 1979 г., во 1982 г. Израел конечно се повлекол од последното упориште на Синајскиот Полуостров. Денес Синај е туристичко одредиште поради природните знаменитости, богатите корални гребени и библиската историја. Синајската Гора пак, е едно од најважните места во аврамските религии.