Ракомет
екипен спорт / From Wikipedia, the free encyclopedia
Ракомет (познат и како тимски ракомет, европски ракомет или олимписки ракомет)[2] — екипен спорт со топка, во кој се натпреваруваат две екипи по седум натпреварувачи (шест играчи плус еден голман) чија цел е да се постигне повеќе голови од противникот со рака. Стандарден натпревар се состои од два периода од 30 минути, а екипата која постигнала повеќе голови, победува во натпреварот.
Највисоко владеечко тело | ИХФ |
---|---|
Почеток | Кон крајот на 19 век во Данска. Пронајден од Николај Ернст во 1897 година во Ниборг. |
Регистрирани играчи | > 27 милиони (2016)[1] |
Карактеристики | |
Контактен | Да (фронтален) |
Членови на екипата | 7 од секоја екипа (вклучувајќи го голманот) |
Мешани полови | одделни натпревари |
Категоризација | Екипен спорт, спорт со топка |
Опрема | Топка и голови |
Терен | Затворен простор |
Олимписки | Дел од Летната олимписка програма во 1936 година. Демонстративен на ЛОИ 1952. Вратен на Летните олимписки игри 1972. |
Современиот ракомет се игра на терен кој е широк 40 метри, а е долг 20 метри, со гол на средина на секој крај од теренот. Головите се опкружени со зона од 6 метри каде што е дозволен пристап само на одбранбениот голман. Головите мора да бидат постигнати со фрлање на топката надвор од зоната. Спортот обично се игра во затворено, но варијантите на отворено постојат во форма на теренски ракомет и чешки ракомет (кои во минатото биле почести) и ракомет на плажа. Играта е брза и обично се постигнуваат многу погодоци: професионалните тимови обично постигнуваат меѓу 20 и 35 голови на секоја страна, иако помалкуте погодоци не биле невообичаени до пред неколку децении. Дозволен е контакт со тело кога бранителите се обидуваат да ги спречат напаѓачите да се приближат кон противничкиот гол. Не е дозволена заштитна опрема, но играчите може да носат меки заштитни ленти, влошки и штитници за уста.[3]
Играта била кодифицирана на крајот на 19 век во Данска. Современиот пакет правила бил објавен во 1917 година во Германија и оттогаш правилата имале неколку ревизии. Првите меѓународни игри се одиграле според овие правила за мажи во 1925 година и за жени во 1930 година. Машкиот ракомет за првпат се играл на Летните олимписки игри во 1936 година во Берлин на отворено, а следниот пат на Летните олимписки игри во 1972 година во Минхен во затворен простор, и оттогаш е олимписки спорт. Женскиот ракомет бил додаден на Летните олимписки игри во 1976 година.
Меѓународната ракометна федерација била формирана во 1946 година и од 2016 година има 197 федерации-членки.[4] Спортот е најпопуларен во земјите на континентална Европа, чии земји ги освоиле сите медали на светските првенства за мажи од 1938 година. На женските светски првенства само две неевропски земји ја освоиле титулата: Јужна Кореја и Бразил. Играта исто така ужива популарност во Источна Азија, Северна Африка и делови од Јужна Америка .