Паганство
From Wikipedia, the free encyclopedia
Паганство или многубоштво (од латински paganus, со значење „селски жител“, „рустичен“[1]) — сеопфатен термин, обично се користи за политеистички верски традиции, иако од христијанска перспектива, терминот може да ги опфати сите неаврамски религии.[2][3]
Тој главно се користи во историски контекст, однесувајќи се на грчко-римскиот политеизам како и политеистичките традиции во Европа пред христијанизацијата. Во поширока смисла, распространет во современи религии, тој ги вклучува повеќето од Источните религии и домородните традиции на Америка, Средна Азија, Австралија и Африка, како и неаврамските народни религии воопшто. Попрецизна дефиниција не би вклучила ниедна од светските религии и не би го ограничила терминот на локални или рурални текови кои не се организирани како граѓански религии. Одлика на паганските традиции е отсуството на прозелитизам и присуство на жива митологија, која ја објаснува верската пракса.
Терминот пагански е христијанска адаптација на „езичник“ во јудаизмот, и како таков има вродено Аврамска пристрасност, и погрдни конотации меѓу монотеистите,[4] во споредба со безбожник и неверник, исто така познат како кафир (كافر) и мушрик во исламот. Питер Браун забележува:
„Усвојувањето на paganus од латинските христијани како сеопфатен, пежоративен термин, за политеистите претставува непредвидена и единствена долготрајна победа, во рамките на една религиозна група, за еден збор од латински жаргон првично лишен од верското значење. Еволуцијата се случи само на латинскиот запад, и во врска со латинската црква. Секаде на друго место, „Хелен“ или „езичник“ (ethnikos) останаа зборови за „паган“; и paganos продолжи како чисто секуларен термин, со примеси на инфериорното и општото.“[5]
Поради овие причини, етнолозите го избегнуваат терминот „паганство“, со своите неизвесни и различни значења, осврнувајќи се на традиционални или историски верувања, претпочитајќи попрецизни категории како што се политеизам, шаманизам, пантеизам, или анимизам.
Во доцниот 20 век „паганството“, или „неопаганството“, станаа нашироко користени во однос на припадниците на различните нови религиски движења, вклучувајќи го и Вика.[6] Како таков, разни современи научници почнаа да го применуваат терминот за три групи на одделни вери: историски политеизам (како келтски политеизам, нордиско паганство, и хеленистички политеистички реконструкционализам, исто така наречен Хеленизам), народни / етнички / домородни религии (како што се кинеската народна религија и африканската традиционална религија), и неопаганство (како Вика и германскиот неопаганство).