Општини во Полска
From Wikipedia, the free encyclopedia
Општината во Полска, наречена гмина (полски: gmina, мн. gminy) е третостепена и основна управна единица на државата. Во 2010 г. Полска имала вкупно 2.478 општини.[1] Поимот гмина доаѓа од германскиот збор „гемајнде“ (Gemeinde), со значење „општина“ или „заедница“[2].
Оваа единица е воведена во 1974 г. како замена за дотогашната помала единица „громада“ (gromada). Постојат три вида општини:
- градска општина (gmina miejska) која се состои едноставно од еден град
- градско-селска општина (gmina miejsko-wiejska) која се состои од помал град и околните села
- селска општина (gmina wiejska) која се состои само од села (поретко само од едно село).
Некои селски општини го имаат седиштето во град или гратче кое не се наоѓа на нивната територија. На пр. селската општина Агустув е со седиште во градот Аугустув, иако градот е градска општина сама по себе и со тоа не е дел од неа.
Законодавното и управно тело на секоја општина е општинскиот совет (rada gminy) или градскиот совет: (rada miasta) кај градовите. Извршната власт е во рацете на избран општински началник, наречен „вујт“ (wójt) кај селските, градоначалник (burmistrz) кај градските и градско-селските општини, или претседател (prezydent) во градовите со преку 400.000 жители. Една општина може да има помошни единици (jednostki pomocnicze) како потчинети управни единици. Во селските подрачја, тоа е началништвото (sołectwo), а во градските тоа е делницата (dzielnica) или населбата (osiedle); кај градско-селските општини, самиот град може да биде прогласено за помошна единица.