Оксидационо-редукциона реакција
From Wikipedia, the free encyclopedia
Оксидационо-редукциони реакции (или редокс-реакции, од редукција + оксидација) — сите хемиски реакции при кои оксидациониот број на атомите се менува. Кај ваквите реакции, секогаш едниот реактант се оксидира, додека другиот се редуцира. Овие реакции може да се мошне едноставни, како едноставниот редокс процес на оксидација на јаглеродниот атом, при што се добива јаглерод диоксид или редукцијата на јаглеродот со водород што дава метан (CH4), или мошне сложени, како на пример оксидацијата на шеќерот во човечкото тело преку низа на многу сложени електрон-пренесувачки реакции.
Овие реакции (оксидационо-редукциони) секогаш одат заедно и наједноставно се објаснуваат на следниот начин:
- Оксидација означува губиток на електрони или зголемување на оксидационата состојба од страна на молекула, атом или јон.
- Редукција означува примање на електрони или намалување на оксидационата состојба од страна на молекула, атом или јон.
- Оксидационо-редукциона реакција: Реактантот A дава електрон на реактантот В.
Иако се доволни за многу процеси, овие описи не се секогаш прецизни. Оксидацијата и редукцијата се однесуваат на промена на оксидациониот број, при што пренесувањето на електрони може и да не се случи. Според ова, оксидацијата подобро се дефинира како зголемување на оксидациониот број, а редукцијата како негово намалување. Во пракса, пренесувањето на електрони секогаш ќе предизвикува промена во оксидациониот број, но постојат многу реакции кои се класифицирани како "редокс" без разлика на тоа што во нив нема пренесување на електрони (како оние каде се вклучени ковалентни врски).
Реакциите кои не се оксидационо-редукциони, при кои нема промени во формалниот полнеж, се познати како метатезни реакции.
Според тоа, оксидацијата претставува процес во кој некој елемент се сврзува со кислород, а тој процес, всушност, е резултат на два одделни процеса (полуреакции): во едната полуреакција се оддава електрон, додека втората полуреакција вклучува примање на електрон. Меѓутоа, секоја размена на електрони не претставува оксидација. На пример, атомите од железо оддаваат електрони кога железото се сврзува со хлор или со сулфур. Размената на електроните се лсучува и при некои други реакции, а не само при оксидацијата. Оттука, како процеси на оксидација се сметаат сите процеси во кои доаѓа до оддавање електрони, додека, пак, сврзувањето со кислород е само едне од можните процеси на оксидација, но не и единствениот таков процес. Од друга страна, сите процеси во кои доаѓа до примање на електрони се нарекуваат процеси на редукција. Во продолжение, оддавањето електрони секогаш е поврзано со нивно примање, односно нема да дојде до процес на редукција (примање електрони) ако не е присутна супстанца која оддава електрони. Тоа значи дека процесите на редукција и оксидација се неразделно поврзани и затоа секогаш се зборува за оксидационо-редукциони процеси или редокс-процеси.[1]