Молекула
From Wikipedia, the free encyclopedia
Молекула — најмалата структурна единка на секое хемиско соединение што ги има неговите карактеристични својства. Тој е сложен систем составен од два или повеќе атоми. При определени услови, атомите од кои е изградена молекулата не се безредно струпани во една целина, туку секој атом си зазема точно определено место.
Молекулите на некои супстанци се составени од по два еднородни атома, како што е случајот со водородните и кислородните молекули. За разлика од нив, молекулите на многу други соединенија се составени од два или повеќе различни атоми. На пример, молекулата на готварската сол е составена од еден натриумов и еден хлорен атом, а молекулата на водата ја сочинуваат два водородни и еден кислороден атом. Кај релативно мал број соединенија молекулата е составена од неколку илјади атоми. Таквите молекули се џиновски молекули, односно макромолекули или полимерни молекули. Такви се на пример молекулите на гумата (каучукот), на ензимите, скробот, белковините итн.
Во хемијата е вообичаено квалитативниот и квантитативниот состав на молекулата да се изразуваат со хемиска формула. Распоредот на сврзувањето на атомите еден со друг во молекулата се изразува со структурната формула на молекулата. Значи, својствата на супстанците се определени со бројот и видот на атомите во молекулата, како и од меѓусебната положба на атомите во него. Атомите во една молекула меѓусебно се држат со т.н. валентни сили (хемиски сили на врските).