Околуземска орбита
орбита околу Земјата / From Wikipedia, the free encyclopedia
Околуземска орбита или геоцентрична орбита — орбита во која едно тело или предмет кружи околу Земјата. Такви се Месечината или вештачките сателити. Во 1997 г. НАСА проценила дека околу Земјата кружат околу 2.465 вештачки летала и 6.216 парчиња вселенски отпад според следењата на Вселенскиот центар „Годард“.[1] Преку 16.291 претходно лансирани тела се распаднале во Земјината атмосфера.[1]
Едно вселенско летало влегува во орбита кога неговото центрипетално забрзување под дејство на гравитација е помало или еднакво на центрифугалното заради хоризонталната составница на неговата брзина. За нискоземска орбита, оваа брзина изнесува околу 7.800 м/с (28.100 км/ч);[2] за споредба, рекордната брзина на летало со пилот (не броејќи летала кои излегуваат од орбита) изнесува 2.200 м/с (7.900 км/ч), достигната во 1967 г. од хиперзвучниот авион „Норт американ X-15“.[3] Енергијата потребна да се постигне орбитална брзина околу Земјата на висина од 600 км е 36 MJ/кг — шест пати повеќе од енергијата потребна за самото искачување на таа висина.[4]
Вселенските летала со перигеј под 2.0000 км претрпуваат воздушен отпор од Земјината атмосфера,[5] што ја намалува орбиталната висина. Стапката на орбитален распад зависи од пресекот и масата на сателитот, како и разликите во густината на воздухот во горната атмосфера. Под 300 км, распадот станува побрз и се мери во денови. Штом ќе се искачи на 180 км, сателитот има извесен број часови пред да испари во атмосферата.[6] Брзината која му е потребна на леталото целосно да се ослободи од влечата на Земјината гравитација и да прејде во меѓупланетарниот простор изнесува 11.200 м/с (40.300 км/ч) и се нарекува втора космичка брзина (ослободителна брзина).[7]