Закавказје
геополитички регион во меѓу Источна Европа и Западна Азија / From Wikipedia, the free encyclopedia
Закавказје (руски: Закавказье) или Јужен Кавказ (грузиски: სამხრეთ კავკასია) — географски регион во близина на јужните Кавкаски Планини, на границата помеѓу Источна Европа и Западна Азија.[1][2] Го опфаќа приближното подрачје на денешна Грузија, Ерменија и Азербејџан, чија вкупна површина изнесува околу 186.100 км2.[3] Закавказјето и Преткавказјето (Северен Кавказ) заедно го сочинуваат поширокото подрачје на Кавказот кој ги дели европскиот и азискиот дел на Евроазија.
Се протега од јужниот дел на масивот Голем Кавказ во југозападна Русија до турско-ерменската граица, и од Црното Море на запад до каспискиот брег на Иран на исток. Во подрачјето влегуваат јужниот дел на венецот Голем Кавказ, целиот венец Мал Кавказ, Колхидската и Курско-араксинската Низина, Талишките Планини, Ленкоранската Низина, Џавахетија и источниот дел на Ерменската Висорамнина.
Во регионот влегува цела денешна Ерменија, поголемиот дел од Грузија и Азербејџан (вклучувајќи ја ексклавата Нахичеван), како и делови од Турција и Иран. Најважни гранки во закавкаското стопанство се вадењето нафта и манганова руда, одгледувањето на чај, агруми и производството на вино. Подрачјето е политички проблематично уште од распадот на СССР со спорните земји како Абхазија, Јужна Осетија и Нагорно-Карабах (Арцах). Од 1878 до 1917 г. во Закавказјето се вбројувала и Карската област на Руската Империја.