Ариш
род на четинари / From Wikipedia, the free encyclopedia
Ариш (науч. Larix) — род на четинари од семејството на боровите (Pinaceae). Расте во висина од 20 до 45 м[1] и природно вирее во подрачјата со посвежа континентална клима на северната полутопка — во ниски предели на север и на планините во појужните краишта. Ова дрво е меѓу најзастапените видови во пространите тајги на Русија и Канада.
Ариш | |
---|---|
Европски ариш (Larix decidua) | |
Научна класификација | |
Царство: | Растенија |
Оддел: | Четинари |
Класа: | Четинари |
Ред: | Боровидни |
Семејство: | Борови |
Род: | Ариш Mill. |
Видови | |
околу 10–14; во текстот |
Во Македонија аришот е доведен во 1950-тите и e застапен со два вида: европски ариш (L. decidua) и јапонски ариш (L. kaempferi).[2]
Иако е четинар (иглолисно дрво), аришот е листопаден. Има два вида изданоци (наречени „леторасти“): долгорасти, со големина од 10–50 см и неколку пупки и краткорасти, долги само 1–2 мм со по една пупка. Листовите се иглести, тенки (помалку од 1 см) и долги 2–5 см. Се развиваат единечно, со наизменична распореденост кај долгорастите, и во густи снопови од 20–50 иглички на краткорастите. Кон крајот на есента, игличките пожолтуваат и паѓаат, со што дрвото презимува голо.
Шишарките се мали и исправени, со должина од 1–9 см, по боја зелени или виолетови, и узреваат 5–8 месеци по опрашувањето. Околу половина од видовите, шишарките имаат плодни лушпи кои се долги и забележливи, а кај другата половина истите се скриени меѓу покривните. Оние од северните краишта имаат мали шишарки (1–3 см) со мали лушпички, додека појужните видови имаат подолги (3–9 см), со издадени плодни лушпи.