1 век п.н.е.
век / From Wikipedia, the free encyclopedia
1 век пред нашата ера (п.н.е.) — век кој започнал на 1 јануари 100 г. п.н.е. и завршил на 31 декември 1 г. п.н.е.
Означувањето на пред новата ера/новата ера не користи нулта година; сепак, астрономското нумерирање на годините користи нулта година, како и знакот минус, така што „втора година п.н.е.“ (2 п.н.е.) е еднакво на „-1 година“. Ова е стотиот век во Холоценскиот календар, а ги опфаќа годините 9,901-10,000. По овој век следи првиот век од новата ера (н.е.).
Во тек на овој век сите преостанати независни земји околу Средоземното Море биле постепено ставени под римска контрола, управувани директно со гувернери или со кралски марионети назначени од Рим. Самата римска држава била втурната во неколку граѓански војни, што конечно резултирало со завршување на 500-годишната република и создавање на империја со поминување на целокупната власт во рацете на еден човек – царот.
Внатрешните превирање кои се случувале во Рим во тоа време значеле смрт за Римската република и овозможиле издигнување на моќни историски личности со автократски амбиции, како што се: Сула, Јулиј Цезар, Марко Антониј и Октавијан Август.[1] Прогласувањето на Октавијан во император Август, како единствен властодржец во Римското Царство, претставувало историски пресврт кој го означил крајот на Римската република и почетокот на Римското Царство.[1] Некои историчари овој настан го нарекуваат Римска револуција. Се смета дека раѓањето на Исус, централната фигура во христијанството, се случило на крајот од овој век. На азискиот континент, во втората половина на првиот век п.н.е., дошло до постепено пропаѓање на династијата Хан, а кралскиот двор во Кина бил во хаос. Истовремено затекнати од тешката ситуација граничните номадски племиња Хунну морале или да мигрираат на запад или да се присоединат на династијата Хан.[2]