Таксон
From Wikipedia, the free encyclopedia
Таксон (од грч. τάξις, таксис = „ред, поредок, ранг“)[1] е група од една (или повеќе) популации на организми кои се сметаат дека сочинуваат единица. Иако не е задолжително, таксоните најчесто добиваат име и ранг. Науката наречена таксономија има улога да определи што сè влегува во извесен таксон. Критериумите за припадност во таксоните честопати се предмет на спор помеѓу таксономите.
Стручњаците разликуваат „добри“ (природни) од „лоши“ (вештачки) таксони. Денес за добри се сметаат таксоните што ја отсликуваат еволутивната (филогенетска) поврзаност на организмите, но ова не е задолжителен услов.
Еден таксон може да добие формално научно име според официјалните номенклатурни правилници, чии одредби се однесуваат на исправноста на именувањето во согласност со припадноста на таксонот.
Застапниците на филогенетската номенклатура се служат со кладистички методи и бараат таксоните да бидат монофилетски, т.е. да се состојат од сите потомци на еден предок. Тука основната единица не се нарекува таксон, туку „клад“, што претставува посебен вид на таксономска единица. Меѓутоа, дури и кај традиционалната номенклатура, ретко кој воведува нови таксони доколку се знае дека истите се парафилетски.[2] Познат пример за општоприфатен таксон кој сепак не претставува клад се влекачите (Reptilia).