Еволуција
From Wikipedia, the free encyclopedia
Во биологијата, еволуцијата е промена на одликите на живите организми преку генерациите. Вообичаената дефиниција на зборот во популарната наука ја опфаќа и појавата на нови видови, исто така како производ на еволуцијата. Од развојот на современата генетика во 40-тите, еволуцијата е дефинирана поспецифично како промена на честотата на алелите (алтернативни форми на истиот ген) во една популација од една генерација до следната. Во другите полиња терминот еволуција се користи во поширока смисла, за да означи каков било процес на промена во текот на времето.
Една од првите кохерентни теории за биолошка еволуција се предложени во раниот 19 век од Жан Батист Ламарк, но неговата теорија не била пошироко прифатена. Со објавувањето на заедничкиот труд на Чарлс Дарвин и Алфред Расел Волис во 1858, следена од Дарвиновата книга Потеклото на видовите во 1859, теоријата на еволуцијата преку природна селекција станала цврсто етаблирана во рамките на научната заедница и набрзо за неа се пројавил интерес и во пошироката јавност. Во 1930-тите, поголем број на научници ја комбинираат Дарвиновата теорија за природна селекција со повторно откриената теорија на наследност предложена од Грегор Мендел, при што ја создаваат современата еволуциска синтеза. Во современата синтеза, "еволуцијата" означува промена во честотата на алелите во една популација од една генерација до следната. Оваа промена може да биде предизвикана од повеќе различни механизми: природна селекција, генетско поместување или промени во популациската структура преку генетски тек.
Во обичниот говор зборот "еволуција" често се користи означување на современата синтеза на еволуцијата, вклучувајќи ја и теоријата дека сите различни видови имаат еден заеднички предок. Исто така, зборот се користи за да се опишат механизмите што дејстуваат при промената на населението.