Женевски конвенции
From Wikipedia, the free encyclopedia
Женевски конвенции — низа од четири меѓународна спогодби потпишани во Женева (1864, 1906, 1929 и 1949 година), со што се воспоставени хуманитарни начела според кои земјите потписнички се обврзани да се однесуваат кон непријателските војници и цивили за време на воени судири.[1] Конвенцијата од 1949 година содржи нови одредби за цивилите кои паднале во непријателски раце, а на герилските борци им е дадена широка заштита со два амандмани од 1977 година. Кршењето на Женевските конвенции постоело и постои меѓу завојуваните страни во сите судири. Од тие причини бил основан Меѓународен суд на правдата како и ad hoc основани судови по одлуките на ОН.
Најголем придонес за подобрување на положбата на ранетите, болните и бродоломниците секако бил направен со усвојувањето на Женевската конвенција од 1949 година. Со Првата женевска конвенција значително била проширена заштитата на ранетите и болните во вооружените судири на копно, додека со Втората женевска конвенција била подобрена заштитата на ранетите, болните и бродоломниците на море. Меѓутоа, овие конвенции се ограничиле главно на ранетите, болните и бродоломниците во вооружените судири, а нивниот главен недостаток бил што наведените поими не биле прецизно дефинирани заради што бил спорен и досегот на релевантните одредби. Овие недостатоци било отстранети со дополнителниот протокол I кој во член 8 детално ги дефинира овие термини и го проширува кругот на лица на кои се однесува заштитата:
Под изразот ранети и болни се подразбираат лица, воени и цивилни, на кои заради повреди, болести и други физички или ментални нарушувања или тешкотии им е потребна лекарска помош или нега и кои се воздржуваат од секаков акт на непријателство. Под овие изрази исто така се подразбираат жените на породување, новороденчињата и други лица на кои им е неопходна лекарска помош лили нега, како што се слабите и трудниците и кои се воздржуваат од секаков акт на непријателство. Под изразот бродоломници се подразбираат лица, воени и цивилни, кои се наоѓаат во опасност на море или во други води како последица на несреќа која им се случила или брод или воздухоплов на кој се наоѓаат и кои се воздржуваат од секаков акт на непријателство. Овие лица, под услови и понатаму да се воздржуваат од секаков акт на непријателство се сметаат за бродоломници и за време на спасувањето сè додека не стекнат некој друг статус на основа на конвенцијата или овој протокол.
—член 8 на Дополнителниот протокол на Женевската конвенција
Како што се гледа, со протоколот се изедначени воените и цивилните лица. Сепак, треба да се има предвид дека ранетите, болните и бродоломниците кои им припаѓаат на оружените сили, за разлика од цивилите со ист статус, откако ќе паднат во непријателски раце добиваат статус на воени заробеници, така што можат да користат кумулативна заштита. Што се однесува до самата заштита, предвидено е овие лица во секоја прилика да бидат почитувани и заштитени. Со нив во секоја прилика мора да се постапува хумано и да им се обезбеди, во што пократок рок и без никаква дискриминација, лекарска помош и нега која го бара нивното здравје. Изречно е забрането загрозување на нивните животи и личности, а особено убиства, мачење или вршење биолошки опити. Позитивните обврски ја вклучуваат должноста за пронаоѓање и прибирање на непријателските ранети, болни и бродоломници и давање нега на овие лица. За таа цел воената власт може да го повика населението на милосрдие заради доброволно прибирање и негување на овие лица, како и заповедниците на неутралните трговски бродови, за преземање и негување на ранетите, болните и бродоломниците како и заради собирање на мртвите. Исто така, предвидена е обврска на страните во судирот во што пократок рок да се идентификуваат и попишат ранетите, болните, бродоломниците и мртвите кои паднале под нивна власт, и преку своите национални бироа, овие податоци да ги достави до Централното биро на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Женева.