Безвилични ‘рбетници
From Wikipedia, the free encyclopedia
Безвиличните ‘рбетници или Agnatha (грчки збор што значи "без вилици") сочинуваат класа или наткласа на безвилични риби во типот Chordata, поттип Vertebrata. Многу понови учебници и книги ја сметаат оваа група за парафилетска[1], но скорешни молекуларни истражувања, како од rRNA[2] така и од митохондриска DNA[3] силно ги поддржуваат денешните агнати како монофилетска група. Безвиличните ‘рбетници настанале во Камбриумот. Постојат две рецентни групи на безвилични риби (понекогаш нарекувани и круглоусти): змиулките и миксините, со околу 100 видови. Иако припаѓаат на поттипот Vertebrata, миксините практично немаат прешлени. Покрај отсуството на вилици, агнатите се одликуваат и со отсуство на парни перки; присуство на нотохорд кај ларвите и кај возрасните единки, како и седум или повеќе парни жабрени торбички. Постои и пинеално око кое е осетливо на светлина (хомологно на епифизата кај цицачите). Сите живи и изумрени агнати немаат издиференциран желудник, ниту пак какви било телесни додатоци. Оплодувањето и развитокот се надворешни. Не постои родителска грижа за младите. Агнатите се ектотермни, со ‘рскавичен скелет, а нивното срце содржи 2 комори.
Иако некои научници ги сметаат агнатите за животни кои ги зачувале некои од одликите на древните ‘рбетници, сепак, денешните класификации јасно ги сместуваат миксините заедно со змиулките како многу поблиску поврзани меѓусебно, отколку со виличните риби.