Тимар
From Wikipedia, the free encyclopedia
Тимар претставува имот со приход до 19.999 акчиња (османлиски сребрени пари). Турските паши на своите офицери со царски берати им давале на управување тимари на определени места. Управителите на тимарите, спахиите, имале право да ги собираат сите даноци од доделеното земјиште задржувајќи за себе одреден дел. Со приходите од тимарите, спахиите заработувале за својата издршка, вклучително и трошоците за своето вооружување. Спахијата бил должен да учествува во воените походи на турската армија со вооружени коњаници, по еден на секои 3.000 акчиња приход на својот тимар. За посебни заслуги, процентот кој го земал спахијата од вкупните приходи можел и да се зголеми. Тимарот најчесто се доделувал во замена за извршување на воена должост, односно како воено лено со ограничено наследно право, колку биле поголеми приходите толку биле поголеми и обврските кон државата. Понекогаш некои тимари се доделувале на невоени лица, кој влегувале во владеачката османлиска класа, понекогаш кадиите, претставници на османлискиот судски систем добивале тимари за извршување на своите должности.