Македонија во Втората светска војна
From Wikipedia, the free encyclopedia
Народноослободителната борба на Македонците во Бугарија, во Грција и во Југославија не била раководена од еден центар. Таа била раководена од комунистички партии во соодветните држави, но тие партии имале различни ставови за македонското национално прашање. Меѓутоа сите комунистички партии кои дејствувале во одделните делови на Македонија и сред македонскиот народ, требале да водат сметка за барањата и интересите на Македонците, бидејќи македонското националноослободително движење во сите делови на Македонија кон крајот на четвртата деценија од 20 век, непосредно пред започнувањето на Втората светска војна, навлегло во нова и повисока фаза на развој. Тоа е време во кое, во сите три дела на Македонија без оглед на поделеноста и непостоењето на политичка и организациона поврзаност меѓу револуционерните сили на македонскиот народ, благодарение на претходните борби, на традицијата и изградената колективна историска и национална свест, процесот на афирмација на македонскиот национален и политички индивидуалитет, изразен низ формата на одбрана на правото за самостојност на македонскиот народ, ги зафатил скоро сите слоеви. Во сите три дела на Македонија на дневен ред се нашла борбата за признавање на националната самобитност на Македонците, борбата за афирмација на македонскиот јазик и за откривање на сопственото историско битие. Тоа е период во кој се акцентирала потребата од организиран и осмислен напор за афирмација на националното културно наследство на македонскиот народ и за развивање на современата македонска култура.[1]
- Ова е статија за народноослободителната борба на македонскиот народ во сите три дела на Македонија. За народноослободителното движење во вардарскиот дел, видете Народноослободителна борба во Вардарска Македонија.