Цевконосни
ред птици / From Wikipedia, the free encyclopedia
Цевконосните или бурницовидни птици го образуваат редот Procellariiformes, чии претставници се морски видови како што се албатросите, процелариидите, бурниците и нуркачките бурници. Сите тие се речиси исклучиво пелагијални форми (се исхрануваат на отворениот океан). Имаат космополитско распространување долж светските океани, најмногу околу Нов Зеланд. Треба да се напомене дека името ,,цевконосни‘‘ потекнува од поранешното име на овој ред — Tubinares, но тоа сè уште се користи во македонската и светска научна литература.
Цевконосни Период: еоцен - денес | |
---|---|
Албатрос скитник Diomedea exulans | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордати |
Класа: | Птици |
Инфракласа: | Нововилични |
Надред: | Neoaves |
Ред: | Procellariiformes Fürbringer, 1888[1] |
Фаммилии | |
Procellariidae |
Цевконосните птици се колонијални, најчесто гнездат на напуштени острови на кои нема грабежливци. Поголемите видови гнездат на површината, додека повеќето помали видови гнездат во природни празнини и дупки. Се одликуваат со силна филопатрија, при што се враќаат во нивната родна колонија за да се размножуваат и се враќаат на истото место на гнездење по многу години. Цевконосните се моногамни и образуваат долготрајни врски кои се формираат во текот на неколку години и можат да траат доживотно. Положуваат само едно јајце и обично има само еден обид за гнездење во текот на годината, иако поголемите албатроси можат да гнездат еднаш на секои две години. И двата родитела учествуваат во инкубацијата и одгледувањето на младите. Инкубациското време е долго во споредба со другите птици, како и периодите кога птиците се учат да летаат. Откако младата птица за првпат ќе полета, за неа понатаму не се грижат родителите.
Цевконосните биле важна храна за многу луѓе, а денес продолжуваат да се ловат како такви во некои делови од светот. Тие се среќаваат и како културни обележја, особено албатросите. Цевконосните се едни од најзагрозените птичји таксони , при што многу видови се под закана од истребување како резултат на наметнати грабежливци во нивните гнездови колонии, загадувањето на морињата и опасноста од незаконски риболов. Луѓето од целиот свет работат за намалување на заканите на кои се изложени овие птици, а овие напори доведоа до потпишувањето на Договорот за зачувување на албатросите и процелариидите, легално-обврзувачки договор потпишан во 2001 година.