Тенис на Летните олимписки игри 2012 - мажи поединечно
From Wikipedia, the free encyclopedia
Тенискиот турнир во машка поединечна конкуренција на Летните олимписки игри 2012 во Лондон се одржал во Ол Ингланд клубот во Вимблдон од 28 јули до 5 август 2012 година. Ова бил првиот олимписки турнир кој се одиграл на трева, откако тенисот повторно бил воведен на игрите од 1984.[1][2] Турнирот бил воден и организиран од Меѓународниот олимписки комитет (МОК) и Меѓународната тениска федерација (ИТФ), како дел од АТП турнејата. Натпреварите се играле во два добиена сета, освен финалето во кое победникот бил одреден по три добиени сета. Тај-брејковите биле во употреба во сите сетови, освен за евентуален петти сет во финалето и трети одлучувачки сет во сите други натпревари.[3] Ждребот бил составен од 64 играчи од 34 држави.
Матична статија: Тенис на Летните олимписки игри 2012.
Тенис - Мажи поединечно на Летните олимписки игри 2012 | ||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Енди Мари, освојувач на златниот медал | ||||||||||
Место | Ол Ингланд клуб, Вимблдон | |||||||||
Денови | 28 јули–5 август | |||||||||
Натпреварувачи | 64 од 34 земји | |||||||||
Медалисти | ||||||||||
| ||||||||||
Рафаел Надал бил бранител на златниот медал, кој го освоил на турнирот во Пекинг на Летните олимписки игри 2008,[3] но тој го откажал настапот на 19 јули 2012 година поради повреда на коленото.[4] Пред неговото повлекување, Надал се сметал за фаворит за задржување на златниот медал, и покрај тоа што загубил од Лукаш Росол во второто коло на Вимблдон еден месец порано.[5]
Натпреварот од второто коло помеѓу Жо-Вилфрид Цонга и Милош Раониќ на 31 јули 2012 година, кулминирал со поставување на рекорд за најдолго траење на еден тениски натпревар во машка конкуренција на Олимписките игри - 3 часа и 57 минути; вкупно биле одиграни 66 гемови а третиот сет завршил со резултат 25-23 во корист на Цонга.[6][7][8]
Сепак, само три дена подоцна, на 3 август 2012 година овој рекорд бил засенет од Роџер Федерер и Хуан Мартин дел Потро чиј натпревар во полуфиналето траел 4 часа и 26 минути, завршувајќи со победа на швајцарецот во третиот сет со 19-17. Ова не само што бил најдолгиот тениски натпревар во сингл во историјата на Олимписките игри, одигран на принципот во два добиени сета, туку и најдолгиот таков натпревар во Отворената ера, надминувајќи ги оние 4 часа и 3 минути во победата на Надал над Новак Ѓоковиќ на Мастерсот во Мадрид 2009.[9][10]
Турнирот завршил со радост на домашната публика, откако британецот Енди Мари го победил Федерер во финалето, со 6-2, 6-1, 6–4, и со тоа го освоил златниот медал, одмаздувајќи се меѓу другото и за поразот претрпен од истиот противник на истиот терен четири недели претходно во финалето на Вимблдон. Федерер се обидел да стане само третиот тенисер којшто во својата кариера го комплетирал Златниот слем во поединечна конкуренција, по Андре Агаси и Рафаел Надал, но и само вториот (по Агаси) кој комплетирал кариерен Супер слем.[11][12] Дел Потро, од Аргентина, го освоил бронзениот медал благодарение на победата со 7-5, 6-4, над освојувачот на бронзениот медал од 2008, Ѓоковиќ.[13]
Златото на Мари, било прва победа на Велика Британија (и прв медал) во машка поединечна конкуренција откако Џозија Ричи победил во 1908 година; тоа бил вкупно четвртиот медал за земјата, надминувајќи ги трите на САД. Среброто на Федерер бил првиот медал на Швајцарија во поединечна конкуренција за мажи уште од златото на Марк Росет во 1992 година, додека Бронзата на Дел Потро била првиот медал за Аргентина во сингл во машка конкуренција.