Сфера
From Wikipedia, the free encyclopedia
Сфера (грчки: σφαῖρα — „топка“)[1] — совршено тркалезно геометриско тело. Како и кај кружницата (во две димензии), сферата претставува множество точки, сите подеднакво оддалечени (r) од дадена точка во просторот. Растојанието r е полупречник на кружницата, а дадената точка е нејзиниот центар. Најголемото растојание помеѓу две точки на сферата се нарекува пречник. Тој минува низ центарот, и така е еднаков на два полупречника.
Геометријата прави разлика помеѓу сфера (која е впрочем дводимензионална затворена површина вметната во тридимензионален простор) и топка, која е вистинско тридимензионално тело бидејќи го вклучува и внатрешниот простор на сферата.
Сферата е ротациона површина, т.е. се добива со ротација на полукружница околу дијаметарот. Растојанието од центарот на сферата до дадената рамнина Σ се вика централно растојание на рамнината и сферата. Ако тоа растојание е еднакво на радисуот на сферата, тогаш сферата и рамнината имаат една заедничка точка, па рамнината ја допира сферата и се вика тангентна рамнина. Ако растојанието, пак, е помало од радиусот на сферата, тогаш рамнината ја сече сферата, а пресекот на сферата со рамнина е кружница. Ако рамнината минува низ центарот на сферата, тогаш пресекот е најголемата кружница и тогаш сферата е поделена на две полусфери. Ако, пак, рамнината Σ ја сече сферата, но не минува низ центарот, тогаш сферата е поделена на два нееднакви дела при што секој од нив се вика калота. Вообичаено, како калота се смета помалиот дел од сферата. Делот од сферата што е зафатен меѓу два паралелни пресеци се вика појас или зона. Растојаниеот меѓу двата паралелни пресеци е висина на појасот.[2]