Суматрански носорог
From Wikipedia, the free encyclopedia
Суматрански носорог (науч. Dicerorhinus sumatrensis) — член на семејството на носорозите и е еден од петте преживеани видови на носорози. Овој вид е најмалиот носорог со висина на рамениците од 120 до 140 сантиметри, должина од 250 сантиметри и тежина од 500 до 800 килограми. Како и африканските видови на носорози, така и овој вид има два рога. Предниот рог е поголем и најчесто е со должина од 15 до 25 сантиметри, додека другиот рог претставува само мало трупче. Телото на овој носорог е прекриено со црвенкасто-кафеаво крзно.
Суматрански носорог[1] | |
---|---|
Суматрански носорози | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Непарнокопитни |
Семејство: | Носорози |
Род: | Суматрански носорог Gloger, 1841 |
Вид: | D. sumatrensis |
Научен назив | |
Dicerorhinus sumatrensis (Fischer, 1814)[3] | |
Подвидови | |
Dicerorhinus sumatrensis harrissoni |
Единките од овој вид во минатото биле распространети во мочуриштата, дождовните и облачните шуми во Индија, Бутан, Бангладеш, Мјанмар, Лаос, Тајланд, Малезија, Индонезија и Кина (во југозападниот дел од Кина, поточно во Сечуан) [5][6]. Овие животни се критично загрозени бидејќи има само шест значајни популации во дивината: четири во Суматра, една во Борнео и една на Малезискиот Полуостров. Многу е тешко да се процени нивната точна бројка бидејќи Суматранскиот носорог е самотно животно кое се движи на големи пространства. Сепак според некои проценки, бројката се движи околу 300 единки. Намалување на популациите најмногу се должи на ловокрадството, бидејќи нивните рогови се доста ценети во традиционалната кинеска медицина. На црниот пазар достигнуваат цена од 30.000 американски долари за еден килограм коска[7]. Закана претставува и загубата на природното живеалиште, односно уништување на шумите за создавање земјоделски површини.
Суматранскиот носорог е самотно животно, но за време на сезоната за парење и при одгледувањето на младенчињата може да живее во близина на друга единка. Ова е највокален вид од сите носорози, но исто така комуницираат и со оставање белези на почвата и оставање измет. Суматранскиот носорог е многу повеќе познат од сличниот јавански носорог, најмногу поради програмата со која 40 суматрански носорози се чуваат во заробеништво со цел зачувување на видот. Оваа програма била прогласена за катастрофа, откако повеќето носорози умреле и не дале потомство речиси 20 години.