Светска туристичка организација
From Wikipedia, the free encyclopedia
Светската туристичка организација при Обединетите нации (СТООН) е агенција на Обединетите нации што е одговорна за промовирање на одговорен, одржлив и универзално достапен туризам. Таа е водечка меѓународна организација во полето на туризмот, што го промовира туризмот како двигател на економскиот раст, вклучителен развој и еколошка одржливост и нуди раководење и поддршка на секторот за унапредување на знаењето и политиките на туризмот во целиот свет. Таа го одобрува спроведувањето на Глобалниот кодекс на етика за туризмот за максимално да се зголеми придонесот од туризмот во социо – економски развој, а да се намалат можните негативни влијанија од туризмот. Исто така СТООН се залага за промовирање на туризмот како инструмент во постигнувањето на Милениумските развојни цели (МРЦ) на Обединетите нации, што се насочени кон намалување на сиромаштијата и поттикнување на одржлив развој.
СТООН создава пазарно знаење, ги промовира конкурентските и одржливи политики и инструменти на туризмот, го поттикнува образованието и обуката за туризмот и работи за да се направи туризмот ефикасна алатка за развој преку проекти за техничка помош во повеќе од 100 земји ширум светот.
Членство во Светската туристичка организација при Обединетите нации имаат 156 земји, 6 територии и преку 400 здружени членки што го претставуваат приватниот сектор, образовните институции, туристички асоцијации и локални туристички надлежни органи. Седиштето на Светската туристичка организација при Обединетите нации се наоѓа во Мадрид, Шпанија.