Ропство во Стара Грција
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ропството било вообичаена практика и составен дел на Стара Грција низ својата богата историја, како што било и во другите општества од тоа време, вклучувајќи ја древна Палестина и ранохристијанските општества. Се проценува дека во Атина, мнозинството граѓани поседувале најмалку еден роб. Повеќето антички писатели го сметале ропството не само како природно, туку и неопходно, но почнала да се појавува поинаква полемика, особено во Сократовите дијалози, додека стоиците биле запишани во историјата како први кои го осудиле ропството.
Во согласност со модерната историографска практика, оваа статија ќе ги разгледува робовите само како движен имот (лична сопственост), за разлика од некои зависни групи како што се penestae од Тесалија или спартанските хелоти, кои повеќе имале функција на средновековни слуги (служеле за подобрување на состојбата на недвижниот имот). Робот кој претставувал лична сопственост на господарот бил лишен од слобода и бил принуден да му се покори на сопственикот кој можел да го купи, продаде или да го даде под наем како и секој друг роб кој го поседувал.
Проучувањето на ропството во Стара Грција поставува голем број на значајни методолошки проблеми. Записите се неповрзани и многу расцепкани и се однесуваат главно на градот Атина. Нема расправа која посебно е посветена на оваа тема. Судските завршни искази од 4 век п.н.е. се интересирале за ропството само како извор на приходи. Комедијата и трагедијата претставувале стереотипи. Иконографијата не правела никаква значителна разлика меѓу роб и занаетчија.