Рак на простата
From Wikipedia, the free encyclopedia
Рак на простата (латински: Carcinoma prostatae) - злоќудно заболување на простатата, жлезда кај машкиот репродуктивен систем.[6] Повеќето канцери на простатата се спорорастечки; сепак, во некои случаи можат да растат релативно брзо.[1][3] Канцер-клетките може да се прошират од простатата во други делови од организмот, особено во коските и лимфните јазли.[7] Првично може да нема симптоми.[1] Во подоцните стадиуми, може да доведе до тешкотии во мокрењето, крв во урината или болка во карлицата, грбот, или при мокрење.[2] Слични симптоми покажува и доброќудната хиперплазија на простатата.[1] Други симптоми во подоцните стадиуми се чувство на замор поради ниското ниво на црвени крвни клетки.[1]
Ве молиме, обрнете внимание на ова важно предупредување во врска со темите од областа на медицината (здравјето). |
Рак на простата | |
---|---|
Синоними | Карцином на простата |
Положба на простатата | |
Специјалност | Онкологија, урологија |
Симптоми | Нема, тешкотии при мокрење, крв во урина, болка во карлицата, грбот, или при мокрење[1][2] |
Вообичаена појава | Возраст > 50 години[3] |
Ризик-фактори | Возраста, семејната историја, расата[3] |
Дијагностички метод | Ткивна биопсија, медицинско снимање[2] |
Диференцијална дијагноза | Доброќудна хиперплазија на простатата[1] |
Третман | Активно следење, хирургија, радиотерапија, хормонска терапија, хемотерапија[2] |
Прогноза | Стапка на петгодишно преживување 99% (САД)[4] |
Честота | 1.1 милион нови случаи (2014)[5] |
Смртни случаи | 307,000 (2014)[5] |
Фактори кои го зголемуваат ризикот за појава на рак на простатата се возраста, семејна историја на болеста, и расата.[3] Околу 99% од случаите се појавуваат кај мажи над 50 години.[3] Ако роднина од прво колено боледувал од рак на простатата ризикот за појава се зголемува за два до трипати.[3] Во САД, почеста е појавата кај афроамериканското население во споредба со белото население.[3] Други фактори за појава вклучуваат исхрана богата со процесирано месо, црвено месо или млечни производи или исхрана сиромашна со одредени видови на зеленчук.[3] Откриена е поврзаност на гонорејата со зголемен ризик за појава на рак на простатата, но причината за оваа поврзаност не е идентификувана.[8] Зголемен ризик е исто така поврзан со BRCA-мутациите.[9] Карциномот на простата се дијагностицира со биопсија.[2] Потоа може да се изведе медицинско снимање со цел да се утврди дали канцерот се проширил во други делови од организмот.[2]