Птичје гнездо
From Wikipedia, the free encyclopedia
Птичје гнездо — местото каде птицата ги несе и квачи јајцата и каде ги одгледува младенчињата. Иако терминот популарно се однесува на структури изградени од птиците, обично на дрво или на стреите од куќите, или како висечки формации, сепак, под птичје гнездо се подразбира секое место каде птиците ги несат своите јајца. Зашто, за некои видови гнездо е проста дупка во песокот, за други дупка во дрво, за трети огромен куп растителност на земјата итн. Најмали птичји гнезда се оние на колибрите, кои се како малечки шољички со димензии 2 см широки и 2-3 см длабоки.[1] Другиот екстрем е гнездото на птица од редот на кокошковидните Megapodius freycinet чие гнездо во пречник има 11 метри, а е високо 5 метри.[2] Во повеќето случаи гнездото го градат женките, а материјалот за градење го носат мажјаците.[3] Гнездото е понекогаш многу примитивна, а понекогаш многу сложена архитектонска творба, која следи однапред утврдени, но сè уште недоволно истражени законитости. Еден вид ластовичји гнезда од подрачјето на Азија е познат како многу скап специјалитет во Кина. Го градат ластовиците Aerodramus fuciphagus и Aerodramus maximus на тешко достапни, карпести терени.