Приказна за Генџи
From Wikipedia, the free encyclopedia
Приказната за Генџи (源氏物語, Генџи Моногатари?) — класично дело на јапонската книжевност напишано од благородничката Мурасаки Шикибу во раните години на 11 век, цел милениум подоцна тоа сè уште фасцинира како прв прозен класик напишан од жена, првиот психолошки роман па дури и првиот вистински роман воопшто во книжевната историја.
Пишан текст од стар илустриран свиток (12 век) | |
Автор | Мурасаки Шикибу |
---|---|
Изворен наслов | 源氏物語 Генџи Моногатари |
Земја | Јапонија |
Јазик | стар среднојапонски јазик |
Жанр | Моногатари |
Објавена | пред 1021 |
Медиум | ракопис |
Дјуи | 895.63 M93 |
Целиот роман има 54 поглавја и се простира на повеќе од 2000 страници. Опфаќа период од седумдесет и пет години и исклучително долг список на ликови. Во основата на романот, како подоцна во европската традиција, стои љубовна приказна исполнета со специфичен состав од препреки во нејзиното реализирање, меѓу кои примарно место добива односот маќеа – син. Во конкретниот состав од односи се вклопуваат и дворските интриги поврзани со потребата за задржување на моќта. Наспроти интригите, се развива серија релации во кои преплетеноста на етапите на реализација на страстите со фазите на духовни медитации и предаденост на религијата го покажуваат конфликтот што суштински го растројува животот на женските ликови, меѓутоа влијае и врз животот на главниот јунак Генџи[1].
Делото го раскажува животот на Хикару Генџи, односно "Блескавиот Генџи", син на јапонски цар, на читателите познат како царот Кирицубо и конкубината од понизок ранг наречена Дамата Кирицубо. Од политички причини, царот го отстранил Генџи од лозата на можни негови наследници, одземајќи му го благородничкиот статус и именувајќи го Минамото, во служба на царот. Приказната се концентрира на романтичниот живот на Генџи и ги опишува обичаите на аристократското општество на тоа време.
Оригиналниот ракопис не постои. Делото било пишувано во "хармоника" стил[2]: неколку листови залепени заедно и превиткани наизменично во една па во друга насока, за време на хејанскиот период. Делото е уникатен опис на начинот на живот на високите дворјани за време на хејанскиот период, напишано на архаичен јазик и на поетски стил со што станало нечитливо за просечниот Јапонец доколку дополнително не било проучувано.[3]
Приказната за Генџи била преведена на современ јапонски дури во раниот 20 век, од страна на поетесата Акико Јосано. Првиот англиски обид да се преведе делото бил во 1882 година. Во Македонија, Приказната за Генџи за првпат била објавена во 2013 година, во издание на Слово.[4]