Петар Поп Арсов
Македонски револуционер / From Wikipedia, the free encyclopedia
Петар Поп Арсов (14 август 1868 — 1 јануари 1941) — македонски национален херој, филолог, револуционер, еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација, долгогодишен член на ЦК, задграничен претставник на организацијата, автор на Првиот устав на Внатрешната организација и автор на познатата публикација „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, идеолог, книжевник, публицист, борец за национално, културно и духовно издигање на македонскиот народ. Поборник за македонската самобитност. Борец за воспоставување на самостојна независна држава Македонија, за изградување на независна Македонска црква и образование и македонскиот литературен јазик и правопис.[1]
Петар Поп Арсов | |
---|---|
Роден(а) | 14 август 1868(1868-08-14) Богомила, Велешко, Османлиско Царство |
Починал(а) | 1 јануари 1941(1941-01-01) (возр. 72) Софија, Царство Бугарија |
Почивалиште | Софија, Бугарија |
Занимање | филолог, идеолог, книжевник, публицист, борец за национално, културно и духовно издигање на македонскиот народ |
Активен период | 1885 — 1913 |
Организација | Македонско студенско друштво • Млада македонска книжевна дружина • Македонска револуционерна организација • Привремено претставништво на поранешната Внатрешна организација |
Влијаел(а) врз | Крсте Петков Мисирков |
Движење | Македонско национално движење |
Вера | православие |
Сопружник | Хрисанта Настева |
Родители | Илија и Ѕуна Поп Арсови |
Потпис |
Дел од темата „Пантеон на бессмртните предводници на македонската револуционерна епопеја“ |
---|
Основно образование завршил во родното село Богомила 1877/78 — 1880/81 г. Школувањето го продилжил во Велес каде изучил трикласно ниже гимназиско образование во годините 1881/82 — 1883/84 г. Се запишал во Солунската гимназија Св. Кирил и Методиј и таму завршил 4-7 клас во периодот 1884/85 — 1887/88 г. Кога бил 7 клас во Солун бил исклучен од гимназијата и школувањето го продолжил во Белград, во учебните 1888/89 и 1889/90 г., меѓутоа и од таму бил исклучен и заедно со 34 македонски ученици се префрлил во Софија. Во бугарската престолнина студирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот Св Климент Охридски, во учебната 1890 — 1892 г. — прва и втора год., а потоа студирал на Филозофскиот факултет, оддел филологија, како вонреден студент.
Петар Поп Арсов е меѓу оние македонски дејци (Даме Груев, Крсте Петков Мисирков и др.) кои созреале на релацијата Солун — Белград — Софија. Во текот на оваа патешествие Поп Арсов како и голем број негови сопатници, разбрал дека ослободувањето на Македонија може да стане само со сопствени сили, без да се бара бара помош од некого: Секој што однадвор ќе ни ја подари слободата, ќе ни ја земе земјата.
Во Софија станал еден од основачите на Македонското студенско друштво (заедно со Даме Груев, Христо Поп Коцев, Димитар Мирчев, Никола Дејков и др. ). Учествува во работата на оформување на уставот и правилникот на друштвото. По растурањето на друштвото учествува во основањето на Младата македонска книжевна дружина и влегол во редовите на Лозарското движење (заедно со Георги Баласчев, Георги Белев, Климент Караѓулов и др.). Арсов бил поставен за главен уредник на весникот Лоза, официјален орган на Лозарите. Од првиот број на списанието каде го објави и својот расказ На Мокров, воведе еден нов македонски фонетски правопис, каде и за првпат ги наоѓаме и употребени и карактеристичните букви: К', Г', Н’, а се исфрлени двогласните букви:Ъ, Ю, Ь, a гласот Ј е предаден во I.[2]
По растурањето на Младата македонска книжевна дружина и забраната на Лоза, Арсов заминал за Македонија и во есента 1893 година се вработил како професор во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Во Солун повторно се сретнал со своите стари познаници меѓу кој и Даме Груев. Во тој период меѓу потесен круг на македонски интелектуалци се појавила идејата за основање на една револуционерна организација, во овие случувања активно зел учество и самиот Поп Арсов. Тој ја прифатил иницијативата и станал еден од шесмината основоположници на Македонската револуционерна организација, и изготвувач на првиот устав на Организацијата, 1893 г.
Во текот на својата дејност во Внатрешната организација извршувал повеќе функции и отстварил повеќе активности. Бил: претседател на Прилепскиот околиски комитет во 1896 г., директор на егзархиските училишта во Штип, 1896 г., претседател на окружниот комитет, 1896 г. По Виничката афера, првото масовното разоткривање на Внатрешната организација од османлиската власт е обвинет за - организирање востание и е осуден на 101 г. од страна на специјален воен суд во 1897 г. бил испратен во Подрум Кале, каде бил до 1902 г., кога бил амнестиран. Останал настрана за време на Илинденското востание, поради апсење по Солунските атентати, (во тоа време дошло до саморастурање на Централниот комитет). Арсов стнал член на ЦК на Внатрешната организација, 1904 г. Учествува во работата на Рилскиот конгрес, 1905 г. и бил избран за задграничен претставник, учествува во дејноста на организацијата сè до нејзиниот неформален расцеп.
За време на подготовките на списанието „Македонија“, двапати бил притворан како интелектуален поттикнувач. Учествувал во работата на Народната федеративна партија и парламентарните избори во 1910 г. Се заложил за изградување на независна Македонска црква и независно образование, ја пласирал идејата за отворање на Висока педагошка школа во Скопје со статус на државен факултет, со Теодосиј Гологанов и Крсте П. Мисирков. За време на Првата балканска војна се повлекол во Велес , каде организирал семакедонска конференција, на која заедно со Димитрија Чуповски, бил избран да отпатуваат во Лондон за да го постават — македонското прашање на Мировната конференција, неговиот поглед по во ова прашање го дознаваме од реченицата:Македонија ако ја немаше би требало дипломатијата да ја создаде за доброто на Балканот, но под притисок на српската власт биле разоткриени, Чуповски се вратил во Русија , а Петар под закана за сопстевниот живот пребегал во Бугарија. Во 1914 г. Во Костенец станал учител. Во 1920 г. се повлекол од јавниот политички живот и се оженил со учителката од Солунската женска егзархиска гимназија, Христина Начева. Во 1930 г. се преселил во Софија (се претпоставува дека контактирал со Македонскиот литературен кружок), каде останува до крајот на животот.
Бил уредник на списанието Лоза — официјално списание на Младата македонска книжевна дружина, 4 броја; (01. 1892 — 06. 1892 г.), го објавува прозниот расказ На Мокров во Лоза, (дејството е локализирано во родната Богомила, секојдневие од животот на поробената Македонија, во него за првпат се употребени меките македонски согласки, и формата на графемите, потоа, редовната употреба на тројниот член. По прашањето за изградување на македонски литературен јазик и правопис, Арсов сметал дека најприфатлива основа е живиот говорен македонски народен јазик и фонетски правопис како принцип при конечното оформување. Ја напишал брошурата Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници, под псевдонимот Вардарски, во која ја демаскирал бугарската денационализаторска политика во Македонија. Во четвртиот број на билтенот на Привременото претставништво на поранешната Внатрешна организација ја објавил статијата Распни ја. Во осмиот број, статијата Потеклото на револуционерното движење во Македонија и првите чекори на Солунскиот комитет за придобивање политички права на Македонија дадени со Берлинскиот конгрес [3]. Објавувал и алегорична поезија Бабуна, велика македонска планина.
Петар Поп Арсов е единствениот основоположник на Внатрешната организација кој го потпишал апелот на привременото претставништво на поранешната ВМРО, со кој се барало воспоставување на Македонија како самостојна и независна држава на Балканот во нејзините природни и географски граници. Решенијата на Париската мировна конфеенција, која всушност со мали измени ја потврдила одлуката од Букурешкиот мировен договор биле причина за големата разочараност кај него и повлекување од јавната политичка сцена.