Никола Пусен
From Wikipedia, the free encyclopedia
Никола Пусен (француски: Nicolas Poussin; 15 јуни 1594 , Лез Андели, Нормандија - 19 ноември 1665 , Рим) — француски сликар и еден од предводниците на барокот во ова поле од уметноста. Неговите дела се одликуваат со јасност, логичност и прецизна подреденост. Тој и давал предност на линијата и формата во однос на боите. Бил признат и почитуван сликар во негово време, и воедно бил инспирација за подоцнежните класични уметници како Жак-Луј Давид, Жан Огист Доминик Енгр и Пол Сезан. Познавачите на ликовната уметност го сметаат за стилски неистомисленик на Караваџо и неговите следбеници. Ако караваџистите создавале дела кои не биле во согласност со природните закони, сликите на Пусен биле целосна хармонија на боите и движењето. Најголемиот дел од неговиот творечки период го минал во Рим, а за кратко се вратил во својата родна земја по барање на кардиналот Ришелје, за да работи како дворски уметник под заштита на францускиот монарх Луј XIII.[1]
Никола Пусен | |
---|---|
Автопортрет на Никола Пусен од 1650 г. | |
Роден(а) | 15 јуни 1594 г. близу Ле Андели, Нормандија, Франција |
Починал(а) | 19 ноември 1665 г. (71) Рим, Папска Држава (денешна Италија) |
Националност | Французин |
Познат(а) по | Сликар |
Значајни дела | Аркадиските овчари (1637-38) |
Правец | класицизам барок |
Ликот на Никола Пусен бил еден од најмистичните творци од барокот и поле на интерес на историчарите на уметност од вековите кои следеле. Се претставува како поларна опозиција на италијанскиот ликовен великан Караваџо. Ако италијанските уметници твореле со многу нагласени емоции и немирни бои, овој во своите дела внесувал филозофска нишка, придружена со вечна хармонија и неуништлива ускладеност на ликовните елементи. И неговите биографи ќе запишат дека бил тивок и повлечен човек, посветен на семејството и со патријахални погледи на општеството. Како и да е, кога станувало збор за четката и маслените бои, бил категоричен и одлучен никој да му се меша, ниту пак да му попречува за време на работата. Сите овие карактерни црти ќе бидат присутни и ќе одиграат значајна улога во оформувањето на неговото име како синоним за сликарството во 17 век.[2]