Насилство врз жените
From Wikipedia, the free encyclopedia
Насилството врз жените, познато и како родово засновано насилство[1] и сексуално и родово насилство,[2] се насилни дејства првенствено или исклучиво извршени врз жени и девојчиња. Ваквото насилство честопати се смета за облик на злосторство од омраза,[3] извршено врз жени или девојчиња, специјално затоа што се жени, и може да има различни форми.
Насилството врз жените има многу долга историја, иако инцидентите и интензитетот на ваквото насилство се разликуваат со текот на времето, па дури и денес се разликуваат меѓу општествата. На ваквото насилство честопати се гледа како механизам за потчинување на жените, без разлика дали се мисли за општеството воопшто или за меѓучовечки однос. Ваквото насилство може да произлезе од чувството на супериорност, мизогинија, право да се изврши таков акт или слични ставови на сторителот или неговата насилна природа, особено врз жените.
Декларацијата на ООН за елиминација на насилството врз жените вели дека „насилството врз жените е манифестација на историски нееднакви односи на моќ меѓу мажите и жените“ и „насилството врз жените е еден од клучните социјални механизми со кои жените се принудени на подредена позиција во споредба со мажите.“[4]
Кофи Анан, поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, во извештајот објавен во 2006 година објавен на мрежната страница на Фондот за жени на Обединетите нации, изјавил:
Насилството врз жени и девојчиња е проблем со пандемски размери. Најмалку една од три жени ширум светот е претепана, присилена на секс или на друг начин злоупотребена во текот на животот со насилникот, обично некој што и бил познат.[5]