Леопард
From Wikipedia, the free encyclopedia
Леопард (науч. Panthera pardus) — член на семејството на мачките (Felidae) и најмал вид од четирите таканаречени големи мачки од родот пантери. Некогаш овој вид бил распространет низ Јужна Азија и Африка, од Кореја до ЈАР. Територијата на распространетост се намалувала со тек на времето најмногу поради лов и уништување на природното живеалиште. Денес леопардот главно живее во Потсахарска Африка. Постојат и изолирани населенија во Пакистан, Индија, Индокина, Малезија и Кина. Поради намалување на бројноста на населенијата, оваа мачка била ставена на списокот на речиси загрозени видови. Бројноста на леопардот е поголема од онаа на останатите членови на пантери кои имаат покритичен заштитен статус[1].
Леопард Период: доцен плиоцен или ран плеистоцен, до денес | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордати |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Ѕверови |
Семејство: | Мачки |
Род: | Пантери |
Вид: | Леопард |
Научен назив | |
Panthera pardus Линеј, 1758 | |
Леопардот има релативно кратки нозе и долго тело, со голема глава. Физички најмногу наликува на јагуарот, иако најчесто е помал. Неговото крзно е прошарано со розети, кои немаат внатрешни точки како кај јагуарот. Можат да се сретнат и меланистични леопарди кои или се целосно црни или со многу темна боја. Овие единки се познати под името црни пантери.
Успехот на оваа мачка во дивината се должи на нејзиниот опортунистички лов, способноста да се прилагоди на различни животни средини и способноста да се движи со брзина од 60 километри на час. Леопардот се храни со кое било животно кое може да го улови. Живеалиштето на леопардот е од дождовните шуми до пустинските терени. Нивната еколошка улога и статус наликува на улогата на пумата во Америка.