Кориолисова сила
From Wikipedia, the free encyclopedia
Кориолисова сила (или Кориолисов ефект) — закривување на предметите во движење кога тие се разгледуваат во вртежен појдовен систем. Во појдовен систем со вртење во насока на стрелките на часовникот, закривеноста е на лево од движењето на предметот, додека пак вртењето во насоката спротивна на насоката на стрелките на часовникот, закривеноста ќе биде кон десно. Иако препознаена од останатите, математичкиот израз за Кориолисовата сила се појавува првпат во научна статија во 1835 година напишана од францускиот научник Гаспар-Гистав Кориолис, како дел од теоријата за воденичарски тркала. Во почетоците на XX век, поимот Кориолисова сила почнал да се употребува во поврзаност со метеорологијата.
Њутновите закони за движењето го опишуваат движењето на предметите во (незабрзувачки) инерцијални системи. Кога Њутновите закони се пренесени во истовремен вртежен појдовен систем, се појавуваат Кориолисовата и центрифугалната сила. Двете сили се пропорционални во однос на масата на предметот. Кориолисовата сила е пропорционална на стапката на вртење, а центрифугалната сила е пропорционална на квадратот на тоа движење. Кориолисовата сила дејствува во насока нормална на оската на вртење и брзината на телото во вртежен систем и е пропорционална на брзината на предметот во вртежен систем. Центрифугалната сила дејствува нанадвор во радијална насока и е пропорционална на растојанието на телото од оската на вртежниот систем. Овие дополнителни сили се наречени инерцијални сили, замислени сили или „псевдосили“.[1] Нив ги дозволуваат Њутновите закони за вртежни системи. Тие се чинителите на исправка кои не постојат при незабрзувачки или инерцијални појдовни системи.
Секако, најчесто наведуван вртежен појдовен систем е Земјата. Кориолисовиот ефект е предизвикан од вртењето на Земјата и инерцијата на масата која е под дејството на ефектот. Бидејќи Земјата завршува едно свртување на ден, Кориолисовата силе е многу мала, и ефектите се општо забележливи за движењата кои се случуваат на поголеми растојанија и при долгорочни временски периоди, како што се движењата на воздухот во атмосферата и водата во океаните. Овие движења се попречени од површината на Земјата, па затоа само се користи хоризонталната компонента на Кориолисовата сила. Оваа сила предизвикува предметите кои се движат на површината на Земјата да се движат по закривени во насока на движењето на стрелките на часовникот (во однос на насоката на движењето) во северната полутопка и во насока спротивна на часовникот во јужната полутопка. Наместо да се движат ветриштата и струењата линиски од области со висок притисок кон области со низок притисок, како што би бил случајот во невртежен систем, ветриштата и струењата се движат кон десно на северната страна од екваторот и на лево од јужната страна на екваторот. Овој ефект е одговорен за вртењето на големите циклони (видете Кориолисовиот ефект во метеорологијата).