Ијан Флеминг
англиски писател / From Wikipedia, the free encyclopedia
Ијан Ланкастер Флеминг (28 мај 1908 – 12 август 1964) — британски писател кој бил најпознат по неговата повоена серија шпионски романи за агентот Џејмс Бонд. Флеминг потекнувал од богато семејство поврзано со трговската банка Роберт Флеминг и Ко, а неговиот татко бил пратеник во парламентот на Хенли од 1910 година до неговата смрт на Западниот фронт во 1917 година. Флеминг се школувал на Итонскиот колеџ, Сендхерст (Кралски воен колеџ) и накратко на универзитетите во Минхен и Женева. Флеминг сменил неколку работни места пред да почне да пишува.
Додека работел за британската поморска разузнавачка дивизија (во Обединетото Кралство), за време на Втората светска војна, Флеминг бил вклучен во планирањето на Операцијата Златно око и во планирањето и надзорот на две разузнавачки единици, 30 Единица за напад и Т-Силите. Неговото учество во воената служба му било инспирација во неговата кариера како новинар за голем дел од содржината, деталите и длабочината на неговите романи за Џејмс Бонд. Флеминг го напишал својот прв роман за тајниот агент Бонд, наречен Казино Ројал, во 1952 година. Тоа било голем успех, имено со вкупно три печатени изданија, за да се справат со побарувачката од страна на неговите читатели. Следеле вкупно единаесет романи за агентот Бонд и две збирки раскази кои биле издадени помеѓу 1953 и 1966 година. Во романите се работи за Џејмс Бонд, кој бил офицер во Тајната разузнавачка служба, попозната како МИ6. Џемс Бонд бил познат и по неговата шифра 007. Тој бил командант во Волонтерскиот резерват на кралската морнарица. Приказните за Бонд биле рангирани меѓу најпродаваните серијали книги на сите времиња, со продадени над 100 милиони примероци ширум светот. Ијан Флеминг, исто така, ја напишал детската приказна Чити-Чити-Банг-Банг и уште две нефикциски дела. Во 2008 година, списаниетоТајмс го рангирал Флеминг на 14-то место на својата листа на „50-те најголеми британски писатели од 1945 година дотогаш“.
Во 1952 Флеминг се оженил со Ен Шартерис, која претходно се развела од нејзиниот сопруг, Есмонд Хармсворт, вториот виконт од Ротермери. Разводот дошол поради нејзината афера со авторот Флеминг. Ијан Флеминг и неговата сопруга Шартерис имале син со име Каспер. Флеминг бил голем зависник од цигари и од алкохол во поголемиот дел од својот живот. Тој подлегнал на срцевата болест во 1964 година на 56-годишна возраст. Две од неговите книги за детективот Џејмс Бонд биле објавени постхумно. По неговата смрт други писатели продуцирале романи за познатиот детектив Бонд. Креацијата на Флеминг за Бонд се појавила во филмот вкупно дваесет и седум пати, портретирана од страна на седум различни актери.