Италијанска култура
From Wikipedia, the free encyclopedia
Од стариот век па до средината на XVII век, Италија се смета за централно место на западната култура и појдовна точка на светските феномени како Римското Царство, Римокатоличката црква, ренесансата, културни и образовни реформи и нов почеток. За време на овој период во Италија се појавиле голем број на познати сликари, вајари, поети, музичари, математичари и архитекти.
Како внатрешните така и надворешните аспекти од западната култура се родени на Италијанскиот Полуостров, било дали се однесуваат на историјата на христијанска вера, граѓански институции, филозофија, право[1], уметност, наука или социјални обичаи и култура. Исто така, оваа земја имала водечка улога во борбата против смртната казна.
Италија била дом на многу познати и влијателни цивилизации, вклучувајќи ги Етрурците, Грците и Римјаните. Во своето минато Италија преживеала миграции, инвазии и била поделена на многу независни држави сè до 1861 година, кога станала национална држава[2]. Поради ова релативно подоцнежно обединување и историска автономија на регионите од кои се состојат Апенинскиот Полуостров, многу традиции и обичаи кои сега се признаени како италијански можат да се идентификуваат по нивни области од кои потекнуваат. И покрај политичкото и социјално издвојување на овие региони, италијанскиот придонес за културно и историско наследство на Европа и светот останува огромен.
Познати елементи на италијанската култура се нејзината уметност, музика, мода и храна. Италија е родно место на операта[3], и со генерации јазикот на операта бил италијански, независно од потеклото на композиторот. Во поглед на драмата Италијанците покажувале склоност кон комедијата; импровизаторски стил познат како Комедија дел артe се појавил во средината на 16 век[4] во Италија и сè уште се изведува денес. Познатиот жанр на танц балетот исто така потекнувал од Италија.
Државата може да се пофали со неколку светски познати градови. Рим бил античка престолнина на Римското Царство и седиште на папата на Католичката црква. Фиренца бил дом на многу уметници од ренесансата, период на големи достигнувања во уметноста[5]. Торино, којшто бил главен град на Италија, денес е еден од светски познатите центри за автомобилско инженерство. Милано е индустриски, трговски и финансиски центар на Италија, а исто и престолнина на модата. Венеција со својот сложен систем на канали и богата културна историја, привлекува туристи од цел свет.
Италија е родно место на најголем број на светски наследства на УНЕСКО (48).[6][7] и според една проценка се смета дека земјата е роден крај на половина од најважните светски уметнички богатства[8]. Според Судот на ревизори, Италија има 3.430 музеи, од кои 409 се во Тоскана, 380 во Емилија Ромања, 346 во Ломбардија и 302 во Лацио. Исто така Италија има 216 археолошки наоѓалишта, 10.000 цркви, 1.500 манастири, 40.000 избрани замоци, кули и тврдини, 30.000 отмени домови, 4.000 градини, 1.000 огромни историски градски центри и многу повеќе.[9].