Итаипу
From Wikipedia, the free encyclopedia
Браната Итаипу (португалски: Itaipu, шпански: Itaipú; шпански изговор: [itaiˈpu]) е хидроелектрична централа на реката Парана на границата меѓу Бразил и Парагвај. Името „Итаипу“ потекнува од мало островче кое постоело близу местото на изградба. На јазикот Гуарани значи „гласот на каменот“. Американскиот композитор Филип Глес (Philip Glass) има напишано симфониска кантата наречена Итаипу во чест на градбата.
Оваа брана е најголемиот функционален хидроелектричен објект во поглед на годишен капацитет за производство, произведувајќи 94.7 TWh (терават часови) во 2008 г. и 91.6 TWh во 2009 г., во споредба со капацитетот на браната Три клисури кој во 2008 г. изнесуваше 80.8 TWh, а во 2009 г. 79.4 TWh.[1] Браната е двонационален потфат на Бразил и Парагвај на границата меѓу двете земји на 15 км северно од Мостот на пријателство. Проектот се протега од Фоз до Игуасу (Foz do Iguaçu) во Бразил и Сиудад дел Есте (Ciudad del Este) во Парагвај на југ, па сè до Гуаира и Салто дел Гуаира на север. Основниот капацитет за производство на електраната е 14 GW (гигавати), што се постигнува со 20 единици за производство од кои секоја произведува 700 MW (мегавати) и 118-метарска хидраулички дизајнирана глава. Во 2008 г. електраната произвела рекордни 94.68 милијарди kWh (киловат часови), што претставува 90% од вкупната електрична енергија потрошена во Парагвај и 19% од онаа потрошена во Бразил.[2]
Од дваесетте постоечки генератори, десет со јачина од 50 Херци (Hz) произведуваат за Парагвај и десет со јачина од 60 Hz произведуваат за Бразил. Два 600-киловолтни далноводи за директно пренесување на високонапонска електрична енергија (HVDC lines) долги по приближно 800 км пренесуваат бразилска и парагвајска електрична енергија до Саун Пауло каде таа се претвора во електрична енергија од 60 Hz.