Исламска уметност
From Wikipedia, the free encyclopedia
Уметност на исламот или исламска уметност[1] — поим кој се употребува за означување на уметничките дела кои се создадени од времето на хиџрата (622 г.), па сè до XIX век, на територија која се протега од Шпанија сè до Индија на која живее население што е дел од исламската култура.
Уметноста создадена во контекст на исламскиот свет претставува одредено стилско единство што се должи на движењето на уметниците, трговците, нарачателите на уметнички дела како и на самите дела. Употребата на едно заедничко писмо низ целата исламска цивилизација и развојот на калиграфијата ја зајакнува оваа идеја на единство. Се распознаваат и други елементи, како на пример истакнувањето на украсните елементи во архитектурата, важноста на геометријата и таписериските украси[2]. Сепак, широкиот спектар на форми и украси, согласно земји и епохи, често доведува до тоа повеќе да се зборува за „уметности на исламот“ отколку за една единствена „исламска уметност“. Според Олег Грабар, уметноста на исламот, може да се дефинира само како „низа ставови во однос на самиот процес на уметничко творештво“[3].
Во архитектурата, се создадени градби со специфични функции, како џамии и медреси во најразлични форми, но честопати според една иста основна шема. Иако речиси и да нема вајарски дела, честопати се среќаваат предмети од метал, слонова коска или керамика изработени со големо техничко совршенство. Треба да се подвлече и присуството на едно сликарство и минијатури присутни како во сакралните така и во световните книги.