Западна Померанија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Западна Померанија или Предна Померанија (германски: Vorpommern) — западниот дел од историската област на војводството, подоцна Покраина Померанија, денес поделена помеѓу германската сојузна покраина Мекленбург-Западна Померанија и Полска. Името Померанија потекнува од словенското по море, што означувало земја на морето.[1]
Сместена на јужниот брег на Балтичкото Море, границите на Западна Померанија се менувале низ вековите и негови поседници биле Полска, Шведска, Данска и Прусија. Пред 1945 ја опфаќала целата област на Померанија западно од реката Одра. Во 1945, градовите на левиот брег Шчеќин (Штетин), Швиноујшќе (Свинеминде) и Полице (Пелиц) припаднале на Полска, додека остатокот на областа станал дел од Источна Германија. Германскиот дел на областа денес претставува околу една третина од денешната сојузна покраина Мекленбург-Западна Померанија.
Германската област има население од околу 470.000 жители во 2012 (окрузите Западна Померанија-Риген и Западна Померанија-Грајфсвалд заедно) — додека полските окрузи на областа имале население од околу 520.000 жители во 2012 (градовите Шчеќин, Швиноујшќе и Полице заедно). Вкупно, денес живеат околу еден милион луѓе во рамките на некогашната област, додека агломерацијата Шчеќин достигнува многу повеќе.
Областа е омилено туристичко одредиште во Германија и релативно слабо населена, па така поседува големи природни станишта. Во пејзажот преовладуваат заливите, рамните ридови, стрмните брегови (како на пример во Јазмунд или Аркона) и долги појаси на песочни плажи покрај морето.
Поголеми градови во Западна Померанија се Штралзунд и Грајфсвалд. Историски, исто така и градот Штетин, кој сега се нарекува Шчеќин е во рамките на Полска од 1945.
Помали градови во областа се Дамгартен, Берген (на островот Риген), Анклам, Волгаст, Демин, Пазевалк, Гримен, Засниц (на островот Риген), Икерминде, Торгелов и Барт.
Познати морски одморалишта во Западна Померанија се Албек (на островот Узедом), Аренсхоп, Банзин, Бинц (со Прора), Герен (на островот Риген) Херингсдорф (на островот Узедом), Козеров, Лубмин (близу Грајфсвалд), Преров, Зелин, Свинеминде (историски, денес во Полска), Трасенхајде, Икериц, Цемпин, Цингст и Циновиц.