Еколошка ниша
From Wikipedia, the free encyclopedia
Еколошка ниша претставува местото кое го зазема еден вид во биоценозата, вклучувајќи го и комплексот на неговите биоценотички врски со факторите на животната средина.[1] Поимот е воведен во 1914 година од страна на Џ. Гринел и во 1927 од страна на Чарлс Елтон[2].
Еколошка ниша е збирот на факторите од кои зависи постоењето на даден вид, од кои како основен се јавува местото на видот во ланецот на исхрана. Според Хачинсон,[3] еколошката ниша може да биде:
- фундаментална — определена од комбинацијата на услови и ресурси кои му дозволуваат на даден вид да одржи животоспособна популација;
- реализирана — чии својства се обусловени од конкурентните видови.
Оваа разлика укажува на тоа дека меѓувидовата конкуренција води кон намалување на плодноста и животоспособноста и дека во фундаменталната ниша може да има таков дел кој го зазема даден вид, каде како резултат на меѓувидовата конкуренција, дадениот вид не е во состојба да живее и успешно да се размножува. Овој дел од фундаменталната ниша на видот отсуствува во неговата реализирана ниша (Бигон и др., 1989). На овој начин, реализираната ниша секогаш влегува во состав на фундаменталната или е еднаква на неа.