Дахомеј
поранешно кралство во денешен Бенин / From Wikipedia, the free encyclopedia
Кралство Дахомеј (фр. Dahomey) ― западноафриканско кралство кое се наоѓало во денешен Бенин, и кое постоело од почетокот на 17-ти век до 1904 година. Кралството на почетокот се протегало на висорамнината Абомеј, а во 18 век по освојувањето на градот Вајда, се проширило на југ до брегот на Атлантскиот Океан, со што добило непречен пристап до триконтинентална триаголна трговија.
Кралство Дахомеј |
||||||
---|---|---|---|---|---|---|
|
||||||
Главен град | Абомеј | |||||
Демоним | Дахомејци | |||||
Уредување | Монархија |
Кон средината на 19 век, откако претходно го поразила соперничкото Царство Ојо, Кралството Дахомеј станало клучна регионална држава.[1] Тоа станало една од најпознатите африкански држави за Европејците.[2] Кралството Дахомеј било важна регионална сила со организирана домашна економија заснована на освојувачки и ропски труд,[3] значајни меѓународни трговски и дипломатски односи со Европејците, централизирана администрација, даночен систем и организирана војска. Кралството е прочуено по значајните уметнички дела, воената единица составена од исклучиво женски војници Дахомски амазонки, и разработените водунски религиозни практики.[4]
Подемот на Дахомеј се совпаѓа со порастот на трговијата со робови преку Атлантикот, а Дахомеј за Европејците бил познат како главен снабдувач на робови.[2] Дахомеј често војувал против соседните држави, а соперништвото најчесто се однесувало на регионална доминација во трговијата со робови преку Атлантикот во замена за европски стоки како: пушки, барут, ткаенини, тутун, лулиња и алкохол.[5][6] Непродадените заробеници станувале робови во Дахомеј, каде што работеле на кралски плантажи [7] или биле жртвувани за време на религиозниот фестивал познат како Годишни обичаи во Дахомеј.[8]
Во 1840-тите, Дахомеј почнал да се соочува со британски притисок за укинување на трговијата со робови, при што британската кралска морнарица наметнала поморска блокада на кралството и патролирала во близина на брегот за да ја спречува трговијата.[9] Дахомеј подоцна почнал да ги чувствува територијалните претензии на Франција и како резултат на тоа во 1890 година избувнала Првата француско-дахомејска војна. Војната завршила со победа на Франција. Кралството пропаднало во 1894 година кога последниот крал, Беханзин, бил поразен во Втората француско-дахомејска војна, по што земјата како колонија Француски Дахомеј била припоена кон Француска Западна Африка.