Дарданели
From Wikipedia, the free encyclopedia
Дарданели (турски: Çanakkale Boğazı, грчки: Δαρδανέλλια) — долг тесен проток по должината на полуостровот Галиполе во денешна Турција кој го дели Балканот (Европа) од Мала Азија, а ги поврзува Егејското и Мраморното Море. Во антиката се нарекувал Хелеспонт. Протокот е долг 61 км, широк само 1,2-6 км, а просечно длабок 55 м, со најголема длабочина од 82 м. Водата низ протокот тече во двата правци: кон Егејското Море како површинска струја, а кон Мраморното како длабинска струја.
Како и Босфор, Дарданелите ја делат Европа од Азија. Протокот е меѓународен воден пат, и заедно со Босфор, Дарданелите го поврзуваат Црното со Средоземното Море.
Преку протокот денес се протега Мостот „Чанаккале 1915“, отворен во 2022 г.[1] и наречен во чест на отоманската поморска победа во Дарданелскиот поход од Првата светска војна. Во времето на неговото отворање бил најдолгиот висечки мост на светот.