Борис Сарафов
македонски револуционер / From Wikipedia, the free encyclopedia
Борис Сарафов (12 јули 1872 — 28 ноември 1907) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, водач на Македонскиот комитет и Македонската револуционерна организација, учесник во Илинденското востание и член на Главниот штаб во Битолскиот револуционерен округ, една од контроверзните личности во македонското ослободително дело.
Борис Петров Сарафов | |
---|---|
12 јуни 1872 — 28 ноември 1907 | |
Македонски револуционер | |
Прекар: | Принцот |
Роден во: | Либјахово, Пиринска Македонија |
Починал во: | Софија, Бугарија |
Служба во: | Македонско национално движење |
Период на служба: | 1895 — 1907 |
Чин: | Претседател на Врховниот македонски комитет — член на Главниот штаб на II Битолски револуционерен округ |
Единици: | Четнички институт |
Командува/л со: | Македонски комитет • Македонската револуционерна организација |
Битки/војни: | Мелничко востание • Илинденско востание |
Други занимања: | воен офицер |
По завршувањето на основното образование во родното село и на Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, се запишува во Военото училиште во Софија заедно со Гоце Делчев, и учествува во социјалистичка група. По завршувањето на училиштето (1893) е испратен на офицерска служба во Белогратчик и потоа во Софија (1894). Преку неговиот солунски учител Трајко Китанчев, влегува во македонското движење при што собира и обучува чета, а во т.н. Мелничко востание го напаѓа градот Мелник. Подоцна се запишува како вонреден студент на Генералштабната воена академија во Санкт Петербург (септември 1895), но по четири месеци се враќа во Софија.
По смртта на Китанчев доаѓа до расцеп во Врховниот македонски комитет. Со поддршка на Ѓорче Петров и Гоце Делчев, на Шестиот конгрес на македонската емиграција во Софија, Сарафов е избран за претседател на Македонскиот комитет. Со својот авантуристички дух и патриотски ентузијазам, тој развива широка внатрешна и надворешна активност, што не е во согласност со политиката на кнезот Фердинанд. Заедно со сите членови на Врховниот комитет тој е уапсен, а потоа е ослободен од судот.
Често патува низ Европа и во Русија. Со негова поддршка се издаваат весниците на Симеон Радев во Женева (L’Effort) и во Париз (Le Mouvement Macédonien), го помагал Македонскиот клуб од Белград, а потоа и Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Целиот европски печат ја пренесува неговата изјава (1902): Ние Македонците не сме Срби, не сме Бугари, ами просто Македонци. Оваа изјава подоцна станува насловно мото на сите изданија на македонската колонија во Санкт Петербург. Сарафов ги помага и солунските гемиџии.
На Осмиот конгрес на македонската емиграција во Софија на чело на Врховниот комитет се поставени Бугарите Стојан Михајловски и генералот Иван Цончев. Потоа се заострува борбата помеѓу врховистите и централистите и тогаш настанува струјата на сарафистите.
Во јануари 1903 година, Сарафов влегува со чета во Македонија и на Смилевскиот конгрес е избран за еден од тројцата рамноправни членови на Главниот штаб на востанието. По Илинденското востание дејствува во Битолскиот револуционерен округ. На Рилскиот конгрес (1905) тој е обвинет за злоупотреби, испраќање на сарафистички чети, како и за примање пари од српската и од бугарската влада, но е амнестиран. Во ВМОРО настанува расцеп, а Сарафов и Иван Гарванов се задгранични претставници. Двајцата се осудени од Серскиот револуционерен округ и убиени во Софија.
Сарафов користел повеќе псевдонимите или бил именуван со разни имиња: Александар Иванович, Бегот, Богдан Петров, Борис Иванов, Владимир Николаев, Керим-паша, Крум, Крумски, Мајстор, Ојнак, Принцот, Торос и др.[1].