Балисти
From Wikipedia, the free encyclopedia
Балистите биле припадници на албанското националистичко и профашистичко движење, организирани во националниот фронт Бали Комбетар (алб. Balli Kombëtar ) основана во 1939 година. Дејствувале за создавање на Голема Албанија. Го сочинувале оружениот дел на организацијата и биле испраќани директно во судир со партизанските единици во Македонија, Србија и Црна Гора. Особено жестоко се пресметувале со припадниците на НОВ од Западна Македонија, вршејќи убиства, терор и пљачкосување на македонското и на другото неалбанско население.[1] Политичката програма на оваа организација вклучувала обединување на етничките територии на Албанците и создавање на Голема Албанија. Иако декларативно балистите биле антифашисти, сепак им помагале на Силите на оската во воените операции во текот на Втората светска војна, особено во Македонија, Грција и на Косово.[2] На денот кога е објавена капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) Бали Комбетар склучил спогодба со Германците и објавил дека Албанија е обединета и независна, оправдувајќи го привременото присуство на германските сили како потреба на борбата против англоамериканско-советската коалиција. Со овој договор Бали Комбетар се ставил во отворена служба на Германците и ги прифатил германските офицери како главен команден кадар на своите оружени формации или како инструктори. Во оваа смисла, некои историчари, главно етнички Албанци, гледаат на балистите како на квинслиншка националистичка власт која остварила контрола над етничките албански територии.[3]
Во 1943 година Комунистичката партија на Албанија им објавила војна на балистите што довело до граѓанска војна. Со крајот на Втората светска војна и победата на комунистите во Југославија и Албанија, балистите биле прогонувани, затворани и убивани. Голем дел од нив емигрирале во Европа и САД.