Артур Филип
From Wikipedia, the free encyclopedia
Артур Филип (англиски: Arthur Phillip; 11 октомври 1738 — 31 август 1814) — адмирал во Британската кралска морнарица, основач и прв Гувернер на колонијата Нов Јужен Велс (првата европска колонија на австралискиот континент). Понекогаш се нарекува „татко на модерна Австралија“.
По многу години минати во морнарицата, Филип од страна на Лорд Сиднеј бил назначен за командант на Првата флота — флота од 11 брода чиј екипаж требало да основа казнена колонија и населба во Ботаничкиот Залив во Нов Јужен Велс. По пристигнувањето во заливот, Филип сметал дека местото не е погодно за основање на колонија, а по кратко извидување на околината го нашол Порт Џексон — на чие место се наоѓа денес Сиднеј.
Со пристигнувањето на нови осуденици во Втората и Третата флота завладеал глад поради оскудните ресурси. Но, кога Филип отпловил назад во декември 1792 година, колонијата веќе била просперитетна, со официјални грантови за земјиште, систематско земјоделство и водоснабдување.
На 11 декември 1792 година, Филип ја напуштил колонијата за да се врати во Британија за да добие медицински третман, тој планирал да се врати во Австралија, но медицинските совети му препорачале да поднесе оставка како гувернер. Тој се повлекол од активна поморска служба во 1805 година. Последните години од животот ги поминал во Бат, Самерсет, а починал на 31 август 1814 година.