Античестичка
From Wikipedia, the free encyclopedia
Античестичка — антиматериски двојник на некоја честичка со иста маса и спротивен полнеж. На пример, античестичката на електронот е позитивно наелектризираниот позитрон кој се добива природно во некои видови на радиоактивно распаѓање. Природните закони се речиси симетрични за античестичките и честичките. На пример, антипротон и позитрон можат да формираат антиводороден атом, за кој се верува дека има исти својства како и водородниот атом. Ова довело до прашањето зошто формацијата на материја по големата експлозија резултирало во вселена која се состои речиси целосно од материја, а не мешавина од материја и антиматерија. Подоцна се открило дека симетријата не е совршена, туку приближна. Паровите честичка-античестичка меѓусебно се поништуваат, при што се ослободуваат фотони. На пример позитроните произведени во природен радиоактивен распад многу брзо се поништуваат со електрони при што ослободуваат гама-зраци. Античестичките природно се произведуваат при бета-распадот и во заемодејството на космичко зрачење во Земјината атмосфера. Бидејќи полнежот се зачувува, не е возможно да се создаде античестичка без да се уништи честичка со ист полнеж, или да се создаде и честичка со спротивен полнеж. Иако античестичките и честичките имаат спротивни полнежи, електро неутралните честички не мора да се идентични со своите античестички. Неутронот е изграден од кваркови, а антинеутронот од антикваркови, меѓу кои може да се прави разлика бидејќи при контакт, меѓусебно се поништуваат. Но некои неутрални честички, самите си се свои античестички, како фотонот и гравитонот.