Азотна база
From Wikipedia, the free encyclopedia
Азотни бази (често само бази) — хетероциклични соединенија кои градат нуклеозиди, кои, пак, се компоненти на нуклеотидите - основните градбени единици (мономери) на нуклеинските киселини. Способноста на азотните бази да се врзуваат меѓусебно со водородни врски, формирајќи на тој начин базни парови, и да стапуваат во напластувачки заемодејства, директно резултира со формирање на долги, верижни, спирални структури, карактеристични за рибонуклеинските киселини (РНК) и деоксирибонуклеинските киселини (ДНК).
Петте азотни бази — аденин (A), цитозин (C), гванин (G), тимин (T) и урацил (U)—се нарекуваат основни (или канонски) бази. Тие се основните единици на генетскиот код, со тоа што базите A, G, C и Т се наоѓаат во ДНК, а базите А, G, C и U се наоѓаат во РНК. Базите тимин (T) и урацил (U) се идентични меѓусебе, освен што Т поседува една метил група која недостасува во U.
Азотните бази аденин и гванин имаат хемиска структура изведена од хетероцикличното соединение пурин, па оттука тие се нарекуваат пурински бази. Базите цитозин, тимин и урацил имаат хемиска структура изведена од хетероцикличното соединение пиримидин, па затоа се нарекуваат пиримидински бази. Секој од базните парови во еден типична двојна завојница на ДНК или РНК молекула се состои од една пуринска и една пиримидинска база, со тоа што А секогаш се спарува со Т, додека G секогаш се спарува со C. Овие пуринско-пиримидински парови, кои се нарекуваат комплементарни базни парови, ги поврзуваат двете полинуклеотидни вериги на еден ДНК или РНК-двојна завојнциа. Правилото на спарување на пурини исклучиво со пиримидини и обратно, веројатно се јавува како резултат на просторни ограничувања во рамките на двојната завојница, бидејќи ваквата комбинација дава геометрија на константна ширина на завојницата. Базниот пар A-T се формира со помош на две водородни врски, додека базниот пар C-G со помош на три водородни врски, помеѓу амино и карбонилните групи на комплементарните бази.
Според една студија на НАСА од 2011 година, биолошките азотни бази аденин, гванин и хипоксантин (база која се среќава во состав на некои РНК молекули) и уште неколку хемиски сродни, но небиолошки, азотни бази како пурин, ксантин, 2,6-диаминопурин и 6,8-диаминопурин биле откриени во составот на метеорити.[1][2][3]
Терминот база во името на овие соединенија ги одразува нивните хемиски својства во киселинско-базните реакции, но тие својства не се од особено значење за разбирање на нивните биолошки функции.