Австралиски Алпи
From Wikipedia, the free encyclopedia
Австралиските Алпи се планински венец во југоисточна Австралија. Тоа е највисокиот планински венец во Австралија и е еден од привременте австралиски биорегиони.[1] Венецот се протега долж границата меѓу источна Викторија, југоисточен Нов Јужен Велс и Австралиската престолнина територија. На нив се наоѓаат единствените врвови во Австралија повисоки од 2000 метри надморска височина и се единствен биорегион на австралиското копно на кој паѓа снег секоја година. Венецот зафаќа површина од 1.232.981 хектари.[2]
Австралиските Алпи се дел од Големите Разводни Планини, верига од планински и ридски венци и висорамнини кои се протегаат на околу 3000 километри - од северен Квинсленд, преку Нов Јужен Велс и до северниот дел на Викторија.[3] Оваа верига од висорамнини го дели сливот на реки што се влеваат на исток во Тихиот Океан и реки кои течат на запад и се влеваат во Мареј-Дарлинговиот басен (а оттаму во Јужниот Океан) или во внатрешни води, како езерото Ер, кое е под нивото на морето, или пак брзо испаруваат.
Австралиските Алпи се состојат од два биогеографски подрегиони: Снежните Планини, во чиј склоп влегува и венецот Бриндабела кој се наоѓа во Нов Јужен Велс и Австралиската Престолнина Територија; и Викторијанските Алпи во Викторија, познати и како „Висока Земја“, особено во културен или историски контекст.